Претседателката Гордана Сиљановскa-Давкова му честиташе на Доналд Трамп на победата на претседателските избори во САД.
„Срдечни честитки по повод изборот на Доналд Трамп за Претседател на Соединетите Американски Држави и многу успех во извршувањето на одговорната функција“, вели Сиљановска-Давкова.
Понатаму во честитката, објавена на социјалните мрежи, претседателката Сиљановска-Давкова вели дека Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот.
Таа е уверена дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели.
Честитка претходно имаше и од премиерот Христијан Мицкоски, кој кажа дека со нетрпение очекува натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи.
„Во мое лично име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави. Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи. Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион. Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
И претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче му ја честиташе победата на Трамп.
„Во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, му ја честитам победата на изборите на Претседателот на САД, Доналд Трамп. Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, напиша Филипче.
Трамп утринава по македонско време прогласи победа на вчерашните претседателските избори во САД. Тој се уште официјално ги нема освоено потребните 270 електорски гласови, но има големо водство во клучните држави и проекциите се дека лесно ќе ја надмине таа бројка.