Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести ја презеде функцијата од досегашниот претседател Стево Пендаровски.
Од кабинетот на претседателката соопштија дека таа разговарала со Пендаровски и се запознала со вработените во Вила Водно.
„На средбата Пендаровски ѝ честиташе на претседателката Сиљановска-Давкова за победата на претседателските избори и ѝ посака успех во извршување на функцијата. Двајцата соговорници го поздравија спроведениот изборен процес посочувајќи дека изборите беа израз на волјата на македонската јавност и ја демонстрираа демократската зрелост на нашата држава“, велат од нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова денеска напладне положи свечена заклетва во Собранието и посветувајќи им го говорот на жените на кои им се заблагодари, акцент стави на жените во политиката, и истакна дека стручност и компететентост ќе бидат главен критериум за дружење со неа.
При изговорањето на заклетвата, т. е. повторувајќи ги зборовите на претседателот на Собранието Јован Митрески, таа не кажа дека дава заклетва како претседателка на Република Северна Македонија, туку само на Македонија. Силјановска-Давкова ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, исто како и на Уверението за Претседател на Република Северна Македонија кое вчера го прими во Државната изборна комисија (ДИК).
Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи седницата на Собранието за инаугурација на Сиљановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала. Заминувањето е во знак на протест поради тоа што Сиљановска-Давкова не го употреби уставното име на земјава.
„Моите зборови се во битка со емоциите. Признавам. Не можев да замислам дека ваква доверба ќе добијам од над 560 илјади граѓани. Ќе го почитувам овој Парламент, ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика по ниту една основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници граѓани, кои не се само најубав роденденски подарок, туку се и најголема обврска“, рече Сиљановска-Давкова која е првата жена на претседателска функција во земјава.
Време е за единство, кажа таа, бидејќи единството може да значи и женска филозофија, бидејќи жените умеат да се грижат не само за себе, туку и за сите останати.
- КОГА МОЖАМ ЈАС ДА СТАНАМ ПРЕТСЕДАТЕЛКА, МОЖАТ СИТЕ ЖЕНИ, РЕЧЕ ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ИНАУГУРАЦИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО
- ГРЧКАТА АМБАСАДОРКА СИ ЗАМИНА ОД ИНАУГУРАЦИЈАТА НА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ОТИ ТАА НЕ РЕЧЕ „СЕВЕРНА“
Б. НЕСТОРОСКА