На 15 февруари 2003 во весникот „Вест“ ја покренав акцијата за враќање на единственото Црешово топче кое го преживеа Илинденското востание во 1903, а турскиот аскер го заробил по битката со востаниците кај месноста Слива и оттогаш е експонат во Воениот музеј во Истанбул. Целата востаничка чета на војводата Ѓурчин, имено, откако осигурала дека населението од Крушево безбедно се засолнило во збег, се самоубила за да не биде заробена од аскерот. Затоа и Црешовото топче што се чува во Истанбул има огромно историско, но и симболично значење за Македонија, која утре слави 120 години од илинденската Крушевска република.
„Црешовото топче е македонски мит. Тоа нема значење од воен аспект, ама од морален аспект неговото значење е поголемо од сите хаубици и разорни оружја на отоманската војска од тоа време. Патриотозмот на нашиот народ е искован во тоа дрво“, ми рече во февруари 2003 професорот Ванче Стојчев, кој на 2 јуни 1997 го пронајде Црешовото топче во Воениот музеј во Истанбул.
По серија текстови и контакти со турските воени и цивилни власти во Анкара и Истанбул, успеавме враќањето на Црешово топче, единствениот жив сведок на Илинденското востание, да стане актуелна тема и за македонската власт и на 29 јули 2003, пред прославата на 100 години Илинден, топчето дојде на изложба во Скопје.
Но, ниту тогашните премиер Бранко Црвенковски и претседател Борис Трајковски, како и практично најголемиот дел од државниот и политички врв не дојдоа на свеченото отворање на изложбата и никогаш не го видоа Црешовото топче.
Освен тогашниот претседател на Собранието Никола Поповски, министерот за култура Благоја Стефановски и министерот за одбрана Владо Бучковски, на отворањето на изложбата „Од Кресна до Илинден“ во Музеите на Македонија не беа присутни ни други министри, ни претставници на политичките партии, ни претставници на МПЦ и на другите верски заедници.
Покрај Црешовото топче, на оваа исклучително значајна изложба имаше и фотографии, знамиња, оружје, стари книги, оригинална преписка од македонските револуционери и други предмети, низ што беа проследени најзначајните точки на политичката, воената и културната историја на Македонија од деветнаесеттиот век до 2003. Па сепак, и покрај значењето на изложбата, организаторите наместо во вечерен термин, отворањето го закажаа точно напладне кога е најжешко и кога сѐ уште поголемиот дел од луѓето се на работа, па посетеноста на изложбата не беше во онолкав број колку што се очекуваше – дојдоа едвај двесте посетители.
Полковникот Стојчев, кој почина во 2009, беше професор на Воената академија во Скопје и беше првиот Македонец кој го видел Црешовото топче, кој всушност успеал да открие каде тоа се чува. Тој на 2 јуни 1997 заедно со една воена делегација бил во Истанбул, па отишол и во Воениот музеј и побарал да му го покажат Црешовото топче.
„Во Музејот прво ми рекоа дека немаат такво нешто, зашто топчето го нема меѓу изложените експонати. Потоа, ми рекоа ‘дојдете утре’. Следниот дена отидовме, директорот на музејот ни рече да почекаме, испрати екипа во депото, и по 15-тина минути видовме како четворица војници со особена почит го носат топчето, а зад нив оди кустосот. Јас се возбудив, застанав мирно и војнички поздравив додека тие го носеа и го положуваа топчето пред нас. Имав чувство како да поздравувам дел од нашите претци пред 100 години. Директорот на музејот беше изненаден, ми рече – се гледа дека сте голем историчар и патриот штом со толку почит се однесувате кон овој експонат. Му објаснив дека топчето има огромна симболична вредност за нашиот народ “, ми раскажа во 2003 проф. Стојчев.
Тој кажа дека тој ден во 1997 топчето за првпат по 94 години излегло на бел ден.
„Ние минавме два часа со топчето, го разгледувавме. Тоа е долго метар и пол, пречникот е околу 25 сантиметри, тешко е 20 кила. Трупчето е издлабено, а при дното е направено дупче за фитилот. При врвот и при дното е оковано со железни обрачи. На поголемата површина сè уште стои препознатливата црешова кора што докажува дека суровото трупче веднаш по сечењето било ставено на сонце да се суши. Многу добро е очувано, но од старост има пукнатина длабока околу 1 сантиметар на едната страна. Очигледно е дека од него е испукано барем еднаш, оти има траги од дрвен барут, што се користел за лов. Директорот на музејот и вработените беа навистина заинтересирани да чујат што повеќе и јас два часа им ја раскажував истријата на топчето. Потоа ги замоливме да се сликаме со топчето. Ни дозволија, под услов да излеземе надвор во дворот. Се сликавме, се поздравивме со нив и толку. Топчето остана во музејот каде се води како експонат ‘Монастир 1903’”, ми рече тогаш проф. Стојчев.
Во делегацијата со проф. Стојчев во 1997 во музејот биле и полковниците Ѓорѓи Ѓуровски и Гоце Илиевски и мајорот Илија Серафимовски кој во 2003 беше воен аташе при македонската амбасада во Анкара. Откако се вратил во Скопје, Стојчев му поднесол извештај на тогашниот министер за одбрана Благоја Ханџиски, со сугестија да се покрене иницијатива за враќање на топчето во Македонија. Но, никогаш веќе не чул ништо за тоа.
За оваа тема се молчеше сѐ до јануари 2003, кога Одборот на манифестацијата 10 дена Крушевска Република во собраниската Комисија за култура поднесе иницијатива за трајно враќање на Црешовото топче и знамето на крушевската чета во Македонија.
Дипломати од амбасадата на Турција во Скопје во 2003 ми кажаа дека турска државна политика е ниеден експонат од нивните музеи да не се враќа трајно во матичните земји.
„Не е проблем Турција да го врати топчето, но ако стори така ќе направи преседан – па само Арапите побаруваат половина од експонатите во Топкапи музејот во Истанбул. Ако почнат да враќаат, турските музеи ќе останат празни“, ми рекоа дипломатите, потенцирајќи дека исклучок од ова правило Турција прави само кога сака да донесе свој значаен експонат што се чува во друга земја, па тогаш се врши размена. Но, Македонија нема што да понуди за размена.
Доаѓањето на Црешовото топче дома за 100 години Илинден беше круна на акцијата што ја покренавме во „Вест“ на 15 февруари 2003 со серија текстови. „Вест“ тогаш се обрати и до Воениот музеј во Истанбул и Воениот институт во Анкара со прашањето дали Црешовото топче е достапно за изложба во Македонија. Кусо потоа, министерот за култура Благоја Стефановски преку турската амбасада во Скопје испрати писмено барање до турското Министерство за култура, а по неколку месеци, министерот за одбрана Владо Бучовски при посетата на Турција темата враќање на Црешовото топче ја покренал на вистинското место – кај тогашниот началник на турскиот Генералштаб, генерал Хилми Оскок во Анкара. По нивната средба на 18 април 2003, турскиот Генералштаб ја потпишал одлуката што овозможи топчето да дојде во Македонија, отстапено времено на 3 месеци, за изложба по повод прославата од 100-годишнината на Илинден.
Црешовото топче во Македонија од Турција пристигна на 25 јули 2003 доцна попладне и на свечената церемонија на скопскиот аеродром Петровец му беше предадено на министерот за одбрана Владо Бучковски. Освен во Скопје, топчето заедно со изложбата беше и во Крушево и во други градови во земјава. Освен во музејската поставка во Скопје и Крушево, топчето на 18 август 2003 беше изложено и во Министертвото за одбрана, во рамките на прославата на Денот на АРМ и 60-годишнината од формирањето на првиот партизански одред „Мирче Ацев“.
Воениот музеј во Истанбул е импресивна зграда во центарот на градот, близу плоштадот Таксим. Порано зградата била Воена академија каде што од 1899 до 1905 студирал и Кемал Ататурк, таткото на современа Турција. Во Музејот се изложени најзначајните експонати од воената историја на Отоманската империја, и тоа не само отомански ами и оние заробени од непријателите, од освојувањето на Константинопол 1453 до Првата Светска Војна 1914. Музејот има колекција од над 300 топови, исламски и европски – меѓу нив и нашето илинденско Црешово топче, кое не е изложено ами се чува во депото. Најатрактивни експонати се сабјите и јатаганите од 15 век, бакарните оклопи за коњите и штитовите на јаничарите од 17 век, како и шаторите на султаните кои ги користеле при нивните воени походи. Атракција на Музејот е и секојдневниот концерт на Мехтарите, отомански воен оркестар најстар на светот, што во походите одел пред аскерот, и чија што музика го инспирирала дури и Моцарт.
Хроничарите ќе забележат дека нашето Црешово топче е врсник со славниот мотор „харли дејвидсон“ – истата таа 1903 кога во Крушевско се правеше топ од дрво, во САД еден механичар го создаде најславниот мотор на светот. Но, црешовите топчиња немале цел да бидат разорно оружје – тие всушност биле главното пропагандно оружје на револуционерните чети.
М. КОСТОВА