СИНДИКАТОТ ДЕНЕСКА ЌЕ ПРОТЕСТИРА ПРЕД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД, ПРОДОЛЖУВА ШТРАЈКОТ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

    СИНДИКАТОТ ДЕНЕСКА ЌЕ ПРОТЕСТИРА ПРЕД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД, ПРОДОЛЖУВА ШТРАЈКОТ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОРСиндикалниот протест вчера од 7 до 10 часот го блокираше влезот во Скопје, на раскрсницата во населбата Автокоманда. (Фото: ССМ)

    Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10 часот до 13 часот ќе протестира пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во центарот на Скопје, додека трае генералниот штрајк во јавниот сектор за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари.

    „Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Јавно ќе побараме од министерката Тренчевска да се заложи многу повеќе за она што ни го ветија на 1 Мај, кога и таа беше присутна како дел од претставниците на Владата. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас“, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски синоќа во ТВ емисија.

    Синдикалниот протест вчера од 7 до 10 часот го блокираше влезот во Скопје, на раскрсницата во населбата Автокоманда.

    Штрајкот на вработените во јавниот сектор почна на 22 јуни, така што од 10 до 11 часот прекинаа со работа и протестираа пред работните места, а ССМ протестираше со поставување столчиња пред Собранието, Владата и Министерството за финансии. Штрајкот продолжува со прекин на рабпта во истиот термин.

    Барањата на ССМ се линеарно зголемување на сите плати во јавниот сектор за 2.806 денари, колку што во февруари беше покачена минималната плата, како и исплата на К-15 во висина од 30 до 100 проценти од платата од наредната година. Генералниот штрајк, го најавија како одговор на одбивањето на Владата да ги прифати нивните барања, а потребата од покачувањето на платите меѓу другото ја правдаат со кризата и поскапувањата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира