СИНОТ НА ПРАТЕНИЧКАТА ОД ВЛЕН МЕРИТА КОЛЧИ-КОЏАЏИКУ ПРИМЕН ЗА СОВЕТНИК НА ДИРЕКТОРОТ НА М-НАВ ФАТМИР ЗИМБЕРИ

    СИНОТ НА ПРАТЕНИЧКАТА ОД ВЛЕН МЕРИТА КОЛЧИ-КОЏАЏИКУ ПРИМЕН ЗА СОВЕТНИК НА ДИРЕКТОРОТ НА М-НАВ ФАТМИР ЗИМБЕРИНа повторениот оглас успеал документите да ги комплетира и да се вработи и кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демири. (Фото: СДК.МК)

    И синот на пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику од ВЛЕН, Премтим Коџаџику, се вработи во Македонска навигација (М-НАВ) на советничко место на еден од тројцата директори.

    Премтим Коџаџику ќе го советува директорот во М-НАВ Фатмир Зимбери, кој е поставен од владејачката коалиција ВЛЕН. Пратеничката од Колчи-Коџаџику ни потврди дека нејзиниот син е примен на неодамнешниот оглас во Македонска навигација, оти тоа не е нешто за криење и дека тој подолго време бил невработен.

    Оваа пратеничка до лани беше од ДУИ.

    Го интервјуирал и примил лично Зимбери, но нема сведоци дека бил најдобриот од сите пријавени на огласот, бидејќи како и за сите примени и одбиени кандидати, контролорката на летање, претставничка на синдикатот, била оставена надвор пред врата и не ѝ било дозволено да го набљудува интервјуирањето.

    На второто продолжение на првиот оглас, пак, на кој веќе влегоа потпретседателот на Унијата на млади сили (УМС) на ВМРО-ДПМНЕ, сопругот на директорката од ВМРО-ДПМНЕ на Централен регистер и сопругата на осуден за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, сега влегоа само тие што требало да влезат уште тогаш, во јуни, но немале комплетна документација.

    Тоа се кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ од Шуто Оризари Ерџан Демири кој не влезе во Парламентот, потоа Артан Шаќири (вработен како обезбедувач на објект, а М-НАВ плаќа приватна агенција за обезбедување), потоа Игор Милошевски, Александар Наковски и Селвије Махмут.

    Во архивата на кадровското одделение во М-НАВ, постојат документи на кои се гледа дека овие примените во повторениот оглас, конкурирале и првиот пат.

    За целото ова незаконско вработување и бутање партиски и роднински кадри во М-НАВ, за почетна плата од над 1.000 евра, во ситуација кога толку многу фалат контролори на летање (за кои треба обука од најмалку три години), инженери, метеоролози и други високостручни кадри, Синдикатот на контролори на летање го известува во континуитет Државниот инспекторат за труд, кој не им помага и кому рацете му се врзани и молчи и миже пред пријавените скандали.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира