СИТЕ 16 ОСУДЕНИ ЗА 27 АПРИЛ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИТВОР ВО ШУТКА

    СИТЕ 16 ОСУДЕНИ ЗА 27 АПРИЛ ЗАМИНУВААТ ВО ПРИТВОР ВО ШУТКАОд денешното рочиште за изрекување на пресудата за нападот на Собранието на 27 април 2017. (Фото: СДК.МК)

    По над три часа од изрекувањето на 17-те пресуди за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, во вкупна висина од 211 години затвор, судијката Добрила Кацарска ги соопшти одлуките на советот со кој претседава, според кои сите осудени кои не беа во притвор, од овој момент заминуваат во Шутка.

    Притвор им одреди на: Митко Пешов од МВР кој доби 15 години затвор, Душко Лазаров од МВР осуден на 15 години, Горан Ѓошевски Леви, поранешен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски осуден на 15 години, натаму Оливер Поповски од МВР осуден на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање кој денес доби 15 години затвор. Мерките, советот со кој претседава Кацарска ги донесе на барање на Обвинителството за организиран криминал.

    Абдуљфета Алими, кој доби 7 години затвор, исто така, доби притвор.

    Во притвор до правосилност на пресудите и натаму остануваат напаѓачите со фантомки: Младен Додевски кој денес доби 12 години затвор, Јане Ченто кој доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години, Игор Југ 12 години затвор, Влатко Трајковски кој беше осуден на 15 години, Вилијам Михајловски на 14, Никола Митревски Кољо на 15 и Александар Василевски Нинџа, кој доби најмалку од нив, 8 години затвор.

    Денеска судијката Добрила Кацарска за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, изрече само една ослободителна пресуда, на Игор Дурловски, еден од водачите на протестите За заедничка Македонија, кои беа против новото парламентарно мнозинство таа година, под водство на СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира