СИТЕ ИЗЛЕЗЕТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ, ДЕМОКРАТИЈАТА Е БЕСЦЕНЕТА, ПОДОЦНА ЌЕ БИДЕ ТЕШКО ДА СЕ ЖАЛИТЕ ДЕКА НЕ СТЕ НАПРАВИЛЕ СÈ, РЕЧЕ МОГЕРИНИ

    СИТЕ ИЗЛЕЗЕТЕ НА РЕФЕРЕНДУМ, ДЕМОКРАТИЈАТА Е БЕСЦЕНЕТА, ПОДОЦНА ЌЕ БИДЕ ТЕШКО ДА СЕ ЖАЛИТЕ ДЕКА НЕ СТЕ НАПРАВИЛЕ СÈ, РЕЧЕ МОГЕРИНИНиз Стара чаршија Могерини се шеташе со премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, а потоа седнаа да ручаат кебапи (Фото: К. Попов)

    Македонија направила голем напредок и импресивни резултати, а Договорот од Преспа за спорот за името со Грција е чин на политичка храброст, одговорност но и поттик за решавање на проблемите за целиот Западен Балкан, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и и заменик-претседателка на Европската комисија Федерика Могерини.

    За престојното гласање за промената на името и влез во ЕУ и НАТО, Могерини рече дека референдумот не значи  ниту избори ниту политика.

    „На 30-ти септември кога ќе одите да гласате, запаметете, вие сте тие што ги имаат клучевите за вашата иднина. Излезете гласајте, немојте да молчите, клучевите се кај вас и немојте да ја пропуштите ова историска можност, бидејќи вие сте одговорни за вашата иднина. Кога ќе се разбудите на први октомври, после референдумот, да бидете свесни дека сте направиле избор за вашите деца и за вашата иднина“, кажа Могерини по денешната заедничка прошетка со премиерот Зоран Заев во Старата чаршија во Скопје.

    Таа потенцираше дека вратите на ЕУ остануваат отворени за Македонија и дека само заедно со ЕУ може да се постигне многу за безбедноста, стабилноста и просперитетот на Македонија и на регионот.

    За ставот на опозицијата, која повика секој граѓанин да постапи по сопствено обедување на референдумот, Могерини рече дека не е нејзина улога да се меша во домашна политика и да кажува како да се гласа.

    „Не е моја улога да се мешам во внатрешна работа, да кажувам гласајте ‘за’ или ‘против’. Сепак, претставува одговорност да ги повикам сите да излезат на референдум, демократијата е бесценета. Имате историска можност да ја формирате својата иднина. Подоцна ќе биде тешко да се жалите дека не сте направиле сè. Одлуката е на граѓаните. Многу време сте надвор од ЕУ. Има многу фрустрации кои се акумулирани во вашата земја. Сè зависи од вас. Вратите на ЕУ остануваат отворени за вашата иднина“, рече Могерини.

    По средбата со Заев, Могерини се сретнa со претседателот на државата Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

    Претседателот Ѓорге Иванов на Могерини и кажал дека неговиот став за договорот со Грција и референдумот не е променет (Фото: Претседател на РМ)

    Иванов, кој одби да го потпише Договорот со Грција по ратфикацијата во Собранието, по средбата со Могерини соопшти дека неговиот став не е променет и дека „стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните интереси и интересите на македонскиот народ“.

    „Мојот став е непроменет. Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата. Ho, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат“, соопшти Иванов по средбата со Могерини.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари