СИТЕ ТРЕБА ДА ПРИФАТАТ ДЕКА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВЛИЈААТ НА БЕЗБЕДНОСТА И СТАБИЛНОСТА НА СВЕТОТ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    СИТЕ ТРЕБА ДА ПРИФАТАТ ДЕКА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ВЛИЈААТ НА БЕЗБЕДНОСТА И СТАБИЛНОСТА НА СВЕТОТ, РЕЧЕ ЗАЕВ ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИПремиерот Зоран Заев во обраќањето порача дека е потребна посилна организација на Обединетите нации, како и сите да прифатат дека климатските промени влијаат на безбедноста и стабилноста на светот (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Зоран Заев во обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации потсети дека годинава стапи на сила договорот од Преспа со кој е решен 27-годишниот спор.

    „Мојата земја е членка на Обединетите нации од 1993 година, но денес за прв пат ви се обраќам како претставник на Република Северна Македонија. Билатералниот спор имаше сериозни негативни импликации, регионални, мултилатерални и за жал стана познат во целиот свет како тежок и закоравен проблем. Денес имаме само придонеси од решениот проблем. Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во Обединетите нации. Покрај името република Северна Македонија за јазик стои македонски јазик, а за државјанство македонско, граѓанин на Република Северна Македонија“, рече Заев.

    Тој кажа дека по договорот од Преспа подобрена е билатералната соработка со Грција, а со тоа придонесуваме да се подобри и зајакне и регионалната соработка и стабилност на Западен Балкан. Тој покрај договорот од Преспа го спомена и договорот со Бугарија, со кои биле отстранети пречките за интеграција на земјата во ЕУ и НАТО.

    „Договорот од Преспа верувам дека е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу отворени прашања во светот. Секој проблем е различен и специфичен на овој свет, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како лидери на своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот и да создаваме услови за развој и подобар живот на сите“, рече Заев.

    Тој во обраќањето зборуваше и за предизвиците со кои се соочува светот, како што се климатските промени и дека сите треба да прифатат дека тие влијаат на безбедноста и стабилноста на светот.

    Заев рече дека на светот му е потребна посилна организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе испорача резултати за сите и никого да не остави зад себе.

    „Република Северна Македонија го зголеми националниот придонес кон Парискиот договор, кој како цел е инкорпориран во домашните закони и политики. Дебатиравме и ја имплементираме агендата 2030 и целите на одржлив развој, кои се од централно значење за постигнување вистинска промена и градење одржлива иднина за сите. Елиминација на сиромаштијата, нееднаквост, негативно влијание на климатските промени и деградација на животната средина се важни цели кои допираат многу други меѓусебно поврзани цели“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира