Здравствениот систем деновиве се соочува со најголемиот предизвик до сега, состојбата во болниците е алармантна, соопштија од Министерството за здравство по денешната координација на министерот Венко Филипче со директорите на ковид центрите во Скопје. Оттаму додаваат дека се оспособуваат нови оддели за хоспитализација на ковид пациенти, а во исто време болниците се отворени и за болни кои имаат итни здравствени проблеми и им е потребна брза лекарска интервенција, за хронични пациенти чија состојба се влошила, за прегледи на болни кои мораат да ја контролираат редовно здравствената состојба.
„Вработените во болниците дават натчовечки напори за да ги згрижат сите пациенти. Здравствениот систем го работи она што никогаш не го работел до сега, соочен со напливот на пациенти со тешка клиничка слика, болни кои имаат потреба од лекарска помош чиј број од час во час се зголемува. Министерот за здравство, заедно со директорите на болниците, лекарите и медицинскиот персонал, прават сè што е во нивна моќ за пациентите да добијат најдобра можна нега“, велат од Министерството за здравство.
Заклучно со вчера, вкупната бројка на пациенти со ковид-19 кои се лекуваат во инфективните оддели низ земјава е 1.537. Досега од ковид-19 се починати 3.607.