СЈО МЕ ГОНИ ЗА ДА МИ НАШТЕТИ МЕНЕ, НА ВМРО-ДПМНЕ И НА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ГРУЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    СЈО МЕ ГОНИ ЗА ДА МИ НАШТЕТИ МЕНЕ, НА ВМРО-ДПМНЕ И НА МАКЕДОНИЈА, КАЖА ГРУЕВСКИ НА СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИПратеникот на ВМРО-ДПМНЕ утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за судењето за случајот на СЈО „Траекторија“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Експремиерот Никола Груевски настрана од воведните зборови на судењето за случајот на СЈО „Траекторија“ за кинеските автопати денеска во Кривичниот суд обвини дека обвинението против него е нарачка од СДСМ спроведена преку Специјалното јавно обвинителство. Изградбата на двата автопата, рече Груевски, е реализација на програмските цели и ветувањата дадени пред граѓаните.

    „Обвинувањето е користење правни средства за притисок врз мене како поранешен премиер и тогашен претседател на ВМРО ДПМНЕ, во полза на СДСМ. Целта е да ми се нанесе лична штета за постигнување други цели. Мене ми е веќе нанесена штета, оштетена е партијата, целта е да и се наштети и на Република Македонија“, е контекстот според Груевски на поднесеното обвинение за „Траекторија“.

    Груевски е обвинет за примање награда за незаконито влијание, т.е. за договарање провизии од договорот со изведувачот „Синохидро“, кои засега обвинителите од СЈО не ги спомнуваат во почетните настапи пред судот.

    Тој направи паралела на земањето на кредитот за автопатите од кинеската „Ексим“ банка, со кредитот за изградбата на хидроцентралата Козјак. Ни тој за Козјак, ни голем број случаи во соседните земји, немале конкурентска постапка, вели експремиерот. Рече и дека неговата Влада се потрудила да има конкуренција во понудите, а СЈО токму за тоа обвинува.

    Според обвинението на СЈО, Груевски, Пешевски и Јанакиески прикриле пред Собранието дека има понуда за изградба на патиштата од компанијата „СВЕ“, за 4.800.000 евра пониска од таа на „Синохидро“. На следното рочиште на 20 март, ќе почне со доказната постапка, ќе се пуштаат „бомбите“ во судница, а ќе се приложат и содржини од СМС пораки меѓу обвинетите Груевски, Пешевски, Јанакиески и ексдиректорот на Државни патишта Љупчо Ѓорѓиевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари