СЈО: НЕ ЈА КОМЕНТИРАМЕ ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ

    СЈО: НЕ ЈА КОМЕНТИРАМЕ ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОМИЛУВАЊЕ

    Скопје, 18 март, 2016 – (META) Специјалното јавно обвинителство не ја коментира одлуката на Уставниот суд со која се укинаа измените на Законот за помилување од 2009 година и му се даде право на претседателот на државата да помилува лица кои се осудени или кривично се гонат за изборни измами.

    Ваквата одлука на Уставниот суд, во јавноста се толкува како интервенција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, чии високи функционери и поранешни министри во владата се осомничени од Специјалното јавно обвинителство токму за изборен криминал, а против дел е покрената и истражна постапка, во рамките на случајот „Титаник“.

    – Ставот на Специјалното јавно обвнителство е да не ги коментира одлуките на судовите, како и на другите институции и во тој контекст нема да се впуштаме во коментар и на конкрената одлука на Уставниот суд. Она на што сме сконцентирани и фокусирани е работата за која е формирано ова јавно обвинителство – ни изјави портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска.

    Укинувањето на измените на Законот за помилување доаѓаат во време кога Специјалното јавно обвинителство покрена истражна постапка за осум лица осомничени за изборни нерегуларности, меѓу кои и поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

    Иницијативата по која уставните судии ја донесоа контроверзната одлука ја поднесе младиот адвокат од Охрид, Ристо Китески, кој работи во канцеларијата на еден од адвокатите на осомничените во случајот „Титаник“.

    Уставната судијка Гзиме Старова, на седницата на судот кога се одлучуваше дали ќе се разгледува иницијативата, рече дека симптоматично е тоа што таа е поднесена на 5 февруари, на 8 февруари е веќе распоредена, на 10 и на 12 февруари Владата и Собранието го дале својот став, а на 24 февруари е ставена како точка на дневен ред на седница на судот. Старова тогаш му се обрати на судијата известител и му рече дека оваа иницијатива е експресно ставена на дневен ред, додека постари иницијативи сè уште чекаат.

    Одлуката со која на претседателот на државата му се даде право да помилува лица осудени за изборни измами, педофилија, трговија со дрога, тероризам, Уставиот суд ја донесе во средата, на 16 март.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари