СЈО ПОБАРА ОД СУДОТ НАЈРИГОРОЗНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ГРУЈЕВСКИ КАКО НАРЕДБОДАВАЧ НА ПАЛЕЊЕТО ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    СЈО ПОБАРА ОД СУДОТ НАЈРИГОРОЗНА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ГРУЈЕВСКИ КАКО НАРЕДБОДАВАЧ НА ПАЛЕЊЕТО ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТОРистоска побара судот при изрекување на казната да не зема предвид олеснителни околности. - Специјалните обвинители Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска побара најригорозна затворска казна за избеганиот Горан Грујевски за незаконското палење на списи во МВР, докази за прислушување, а за шесте обвинети вработени во УБК, условни казни.

    Ристоска во завршни зборови денеска пред Основниот суд Скопје 1 за предметот „Тврдина 2″, рече дека мотив на Грујевски, како наредбодавач за ништењето на илјадниците документи од УБК, е да се сокријат трагите кој и како прислушувал стотици граѓани во Македонија и да се отежни истрагата за масовното кршење на човековите слободи и права од страна на Петтата управа во МВР, односно од УБК. Таа му укажа на судот дека палењето на документите во Петровец, близу Скопје, се случувало истовремено со уништување на системите за следење во МВР, за што исто така е обвинет Грујевски во предметот „Тврдина”.

    Ристоска побара судот при изрекување на казната да не го зема предвид како олеснување тоа што Грујевски е татко на две деца, туку тоа дека со бегството, децата и семејството ги оставил на цедило, без извор на егзистенција.

    За шесте обвинети жени од УБК, кои по наредба на Грујевски ги запалиле архивските материјали, место да ја одбијат наредбата, Ристоска побара алтернативни, односно условни затворски казни. Ристоска по име, за секоја од шесте обвинети, кажа дека имале беспрекорно однесување во Управата и оти немале дамка во работењето и оти дел од нив се самохрани мајки.

    Адвокатот на Грујевски, Љупчо Шврговски, рече дека во случајот нема кривично, туку евентуално, прекршочно дело. Од судот побара во овој случај да се апстрахира од влијанието на медиумите. 

    Сите обвинети, до една, на крајот се изјаснија дека не се виновни, дека постапиле по наредба на старешината Горан Грујевски.

    Ова е првиот обвинителен предлог на СЈО и тој по над една година развлекување, заврши. Објавата на пресудата е во среда во 11 часот, рече судијата Лидија Петровска.

    Грујевски, заедно со колегата од УБК Никола Бошкоски, е во екстрадициски притвор во Солун и на први декември го чека судење за поседување лажни патни исправи. Тие два пати беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи.

    Беа фатени на Солунскиот аеродром на 18 октомври кога со лажни бугарски пасоши сакале да се качат во авион за Будимпешта. Во тек е постапка за нивно екстрадирање.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира