СЈО СЕ СЛУЖИ СО УДБАШКО-СТАЛИНИСТИЧКИ МАНИПУЛАЦИИ, КАЖА БУЧКОВСКИ ЗА СУДЕЊЕТО ЗА „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“

    СЈО СЕ СЛУЖИ СО УДБАШКО-СТАЛИНИСТИЧКИ МАНИПУЛАЦИИ, КАЖА БУЧКОВСКИ ЗА СУДЕЊЕТО ЗА „МАЏАР ТЕЛЕКОМ“Поранешниот премиер Владо Бучковски вели дека едвај го чека сведочењето на Слободан Богоевски кое ќе го даде пред наш суд, за да поднесе кривична пријава за давање на лажен исказ. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Нон пејпер за исплата на 7,5 милиони евра не постои. Тоа е удбашко-сталинистичка манипулација, која за жал, обвинителката на СЈО ја користи за ’подобар статус‘ на СЈО во преговорите на неговата иднина, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК експремиерот Владо Бучковски по денешното судење за „Маџар Телеком“, на кое обвинителката на СЈО Лиле Стефанова на сведок му цитираше содржина од нон пејпер за исплата на поткуп од 7,5 милиони евра за Владата претставувана од Бучковски, за Али Ахмети и за Муса Џафери.

    На тој неформален документ на крајот пишува: мај 2005 година, За страната А и „пријателите од Тетово“ – Владо Бучковски. За страната Б – Елек Страуб. Нема печат ни потписи на нон пејперот.

    „Јас едвај го чекам сведочењето на Слободан Богоевски кое ќе го даде пред наш суд, за да поднесам кривична пријава за давање на лажен исказ. Документот кој денеска го покажала обвинителката Лиле Стефанова ми беше предочен и мене, кога сведочев пред Комисијата за хартии од вредност во Вашингтон во февруари 2014 година. На секого што го видел тој документ со никакви потписи, му е јасно дека станува збор за фалсификат создаден во удбашко-сталинистичката кујна на Богоевски“, најави експремиерот Владо Бучковски.

    На денешното судско рочиште обвинителката Лиле Стефанова рече дека доказите кои денеска му ги предочи на тогашниот министер за транспорт и врски Џемали Мехази, се од Комисијата за хартии од вредност од Вашингтон.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари