Денеска СЈО ќе поднесе 2 обвинителни предлога до Основниот суд Скопје 1, за незаконско уништување на документација од системите на прислушување – против 7 лица, а и за нарачаното насилство врз градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски за време на седница на општинскиот Совет во 2013 – против 14 лица, соопшти Специјалната обвинителка Катица Јанева, на прес конференцијата која само што заврши.
Првото обвинение е против 7 лица вработени во УБК. Меѓу 14-те обвинети за поттикнување на насилството врз Општина Центар, 5-мина се обвинети како поттикнувачи на насилство и 9 лица како директни извршители, а повикувајќи се на телефонски разговор меѓу двајца високи функционери од власта. Насилството е мотивирано од лукративни причини – заради бизнис интересите на партискиот врв и нивните бизнис партнери, рече обвинителтата Фатиме Фетаи презентирајќи ги обвиненијата. Фетаи рече дека за обете обвиненија СЈО има доволно докази и очекува осудителни пресуди.