СЈО СО ОБВИНЕНИЈА ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И ДИМОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКО ФИНАНСИРАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И НЕЛЕГАЛНА ИЗГРАДБА НА ПАРТИСКОТО СЕДИШТЕ

    СЈО СО ОБВИНЕНИЈА ЗА ГРУЕВСКИ, ЈАНАКИЕСКИ И ДИМОВСКИ ЗА НЕЗАКОНСКО ФИНАНСИРАЊЕ НА ВМРО-ДПМНЕ И НЕЛЕГАЛНА ИЗГРАДБА НА ПАРТИСКОТО СЕДИШТЕНа барање на СЈО, Основниот суд Скопје 1 на 31.10.2018 година го замрзна имотот на ВМРО ДПМНЕ низ земјата, како и седиштето на политичката партија во Скопје и мерката сè уште е во сила. -Специјалната обвинителка Катица Јанева (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Специјалното јавно обвинителство денес до Основниот суд Скопје 1 поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот „ТАЛИР“ против избеганиот осуден експремиер Никола Груевски, притворените Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски и уште две други лица.

    Како што соопштија од СЈО, едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

    „Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: лицето Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, Перење пари и други приноси од казниво дело, лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. Лицата Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело“, стои во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

    За случајот „Талир“, велат од СЈО, на избеганиот експремиер Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности, според СЈО, бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.

    Обезбедените финансиски средства во готовина, образложуваат од СЈО, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

    „Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, соопштуваат од СЈО.

    Кон обвинението поднесен е и предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски, како и предлог за определување мерки за претпазливост спрема обвинетата Елизабета Чингаровска – обврска да се јавува еднаш неделно во Основен суд Скопје 1 Скопје и привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова.

    Второто обвинение се однесува за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

    „За реализирање на оваа цел, како што стои во образложението на СЈО, обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75 отсто од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што за ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 424.733.242,00 денари, односно 6.906.231 евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582,00 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400,00 денари, односно 815.323 евра“, се вели во соопштението на СЈО.

    На ваков начин, а спротивно на законот, велат од СЈО, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424,00 денари, односно 8.246.576 евра.

    И кон ова обвинение исто така поднесен е предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира