СЈО ЗАДОВОЛНО ОД ЗАТВОРСКАТА КАЗНА ЗА ГРУЈЕВСКИ, ГО ЧЕКА ДА БИДЕ СПРОВЕДЕН ЗА СУДЕЊЕТО ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ

    СЈО ЗАДОВОЛНО ОД ЗАТВОРСКАТА КАЗНА ЗА ГРУЈЕВСКИ, ГО ЧЕКА ДА БИДЕ СПРОВЕДЕН ЗА СУДЕЊЕТО ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕОбвинителката од СЈО Ленче Ристоска по изрекувањето на пресудата против Горан Грујевски рече дека таа е во рамките на очекувањата на Обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска по објавувањето на првата судска пресуда за обвиненијата што ги покрена СЈО пред Кривичниот суд, рече дека затворската пресуда од 18 месеци за ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, била во рамките на нивните очекувања.

    „Денеска СJO ја доби првата пресуда. Обвинетите во случајот ‘Тврдина 2’ беа осудени за кривичното дело кое им се ставаше на товар, односно дека уништувале службени документи и со тоа сториле кривично дело фалсификување службена исправа. Ваквата одлука е во рамките на нашите очекувања. Неколку пати повторувавме дека имаме цврсти докази и тоа се потврди со одлуката на судот. Изразуваме задоволство што барем за овој случај правдата излезе на виделина и очекуваме ваквиот тренд да продолжи и во другите случаи за кои СЈО има поднесено обвиненија“, рече Ристоска.

    На прашање дали СЈО ќе ја обжали пресудата, Ристоска одговори: „Ќе почекаме писмено да ја добиеме пресудата, ќе ги разгледаме аргументите на судот и ќе одлучиме дали ќе се жалиме за висината на казната“.

    Адвокатите на обвинетите рекоа дека не се задоволни со затворската и оти очекувале ослободителна пресуда. најавија дека ќе поднесат жалба.

    Грујевски е во екстрадиционен притвор, откако заедно со второобвинетиот Никола Бошкоски во случаите „Тврдина“ и „Таргет“ за масовното нелегално прислушување на граѓани и за уништување на системите за прислушување на МВР, избегаа и на 18 октомври беа уапсени во Солун. Нивното судење во Солунскиот основен суд е закажано за први декември. Дотогаш тие нема да бидат екстрадирани во Македонија, иако Министерството за правда го комплетираше предметот за екстрадиција и веќе им го испрати на грчките власти.

    Со спроведувањето на Грујевски на судскиот процес за „Тврдина“ и „Таргет“, се очекува да се расветли кој, по чија наредба и зошто прислушувал нелегално стотици граѓани и кој е одговорен за масовното кршење на човековите слободи и права додека на власт беа Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира