Скеленцето пред битолскиот Безистен наместо за реставрација на објектот почна да служи како паркинг за велосипеди. Дванаесет дена откако беше поставено за време на постетата на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во Битола, која најави дека е започната реставрацијата на три објекти од градот, меѓу кои и Безистенот, таму ништо не се работи. Скелето беше поставено истиот ден за да се убедат битолчaни дека реставраторскиот зафат почнал. Но, бидејќи никој не го користи, граѓаните му најдоа друга намена, па таму почнаа да си ги паркираат велосипедите додека бркаат други работи низ град.
Министерката при неодамнешната посета на Битола рече дека веќе започнувааат реставраторските работи врз Безистенот.
„Она што беше ветено дека оваа година ќе започне во однос на проектите за обнова на фасадите во старите градски јадра , сакам да информирам дека е завршена постапката, избрани се фирми и се започнува да се работи на три фасади во Битола. На музичкото училиште, гимназијата и Безистенот. Се планира до крајот на годината да завршат“, рече Канческа Милевска.
Безистенот кој е бисер од отоманската архитектура во градот на конзулите останат од 15 век со години е руиниран. Фасадата се распаѓа, покривот прокапува, се прават произволни влезови, се поставуваат монтажни скали кои го нагрдуваат ликот. Ни министерството, ни општината не презедоа ништо во изминатите години за овој објект, а министерката се пофали дека Битола е одличен пример за тоа како добро функционира соработката на централната и локлната власт во полето на културата.