Четириесетгодишнот Д. Ѓ. од Скопје, во чиј дом беа пронајдени 4 малолетници во бесознание, е осомничен за тешки дела против здравјето на луѓето, бидејќи им дал да испјат лек за епилепсија, седативи и антидепресиви во комбинација со алкохол, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО), кое бара притвор за него.
Од ОЈО велат дека осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето. Тој заедно со децата почнал да пие алкохол и во текот на вечерта извадил лекови „тергатол 200 мг” (лек против епилепсија), „запира 10 мг” (антидепресив) и „дијазепам 5 мг” (седатив) кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол, а кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение. Им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето.
Следниот ден, вели ОЈО, попладнето полициски службеници ги пронашле децат во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.
Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош.
„ОЈО донесе наредба за спроведување истражна постапка против 40-годишник осомничен за Тешки дела против здравјето на луѓето, според член 217 став 1 од Кривичниот законик, а во врска со член 212 став 1, како и за кривично дело – Излагање на опасност според член 134 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител оцени дека се исполнети законските основи и до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, соопшти ОЈО.
Министерството за внатрешни работи (МВР) претходно соопшти дека Д. Ѓ. од Скопје е уапсен, а според директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев сите 4 малолетници денеска се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри.
МВР соопшти дека од извршените разговори со малолетните лица е констатирано дека тие во текот на вечерта на 11 јули пристигнале во куќа во која понекогаш престојувало едно од малолетните лица, а куќата е сопственост на Д. Ѓ. (40), кој бил во пријателска врска со роднина на малолетникот.
„Во текот на вечерта, малолетните лица консумирале поголема количина на алкохолни пијалоци, а во еден момент, од страна на Д.Ѓ. на четирите малолетни лица им било понудено и овозможено консумирање на одредени медикаменти. Со тоа, малолетните лица се довеле до полусвесна состојба, со неконтролирано однесување, при што искршиле дел од инвентар во дневната соба во која престојувале, и при тоа се здобиле со повреди. Д.Ѓ. е лишен од слобода и со него е извршен разговор во кој ги потврди исказите од малолетните лица“, вели МВР.
Д-р Чибишев вели дека кај сите е докажано присуство на психоактивни супстанции и не е докажано присуство на алкохол.
„Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Клиниката за токсикологија“, ни рече утринава д-р Чибишев.
Б. НЕСТОРОСКА