Петнаесет лица од вкупната бројка на починати 116 од КОВИД-19 дошле во терминална фаза на Инфективната клиника или во Градската општа болница „8 Септември“, рече вечерва на прес-конференцијата епидемиологот од Институтот за јавно здравје и претседател на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, на презентацијата на заклучокот од справувањето со коронавирусот во изминатите три месеци.
„Дел од лицата или не се осмелуваа веднаш кога ќе ги почувствуваат симптомите да дојдат на преглед или дојдоа предоцна“, рече Караџовски.
Епидемиологот рече дека слушал секакви шпекулации за коронавирусот, дека здравствените лица измислувале и болеста не постои, и затоа апелираше до граѓаните што така мислат да се стават во кожата на фамилиите на 116 починати, за да можат да ја сфатат неговата опасност.
„Што можеме да очекуваме, еве гледате една моќна држава како САД сѐ уште кубури со здравствен персонал. Гледаме вирусот се шири во јужната хемисфера, во Бразил има 270 илјади заболени и околу 1.000 лица умираат дневно. Тоа е блиску до Екваторот, што значи дека дека топлото време и сувата клима не го уништуваат вирусот. Кога потенцирам дека миењето раце и дезинфекција е мерка број еден за заштита од ширењето на заразата, ми велат дека препорачувам мерки од 19. век. Мерката е секаде иста, вирусот го уништување честото миење раце, носење маска и памет во глава, не можеме да се надеваме дека вирусот ќе нѐ заобиколи. Сите сме потенцијални жртви“, кажа Караџовски.
Докторот смета дека македонскиот здравствен систем покажал оти ги држи институциите под контрола, битката е добиена, но вирусот нема да исчезне.
Вкупно ковид дијагностицирани во земјава се 2.014, од кои оздравени се 1.453, починати се 116, а во моментов активни се 445.
Од досегашната работа на Комисијата во изминативе 3 месеци, од првиот случај на појава на КОВИД-19 во земјава на 26 февруари, Караџовски рече дека заклучиле оти мерките дале одредени резулати.
„Светската здравствена организација (С30) побара од нас да имаме под контрола 60 до 80 отсто од кластерите. Ние немаме новорегистрирани случаи, точно знаеме во оние фамили или општини каде веќе знаеме кои лица биле во изолација или самоизолација и во нивните фамилии и ги контролираме“, кажа епидемиологот.
Караџовски кажа дека во седум градови има од 1 до 3 пациенти, во 5 градови има активни случаи, а во другите нема ниту еден активен случај. Во петте градови има до 20 кластери, и тоа Скопје со кластерите во Чаир, Гази Баба и во Сарај, како и Велес, Штип, Струга и дека како поголем проблем го третираат Тетово.
На новинарско прашање дали очекува зголемен број на заболени после ифтарските вечери, тој кажа дека може да се случи зголемен број, но ќе држат под контрола, и додаде дека силината на вирусот слабее, врз основа на податоците од ЕУ.
„Имаме систем базиран на медицина базирана на докази“, рече тој.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека со олабавувањето на мерките, кое почнува од утре со укинување на полицискиот час, одговорноста, товарот паѓа на свеста на граѓаните.
Б. НЕСТОРОСКА