СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА БЕЗ ПРОБЛЕМ ГИ СТАВИ В ЗАТВОР КАТИЦА И БОКИ 13, А ГИ ЗАБОРАВИ ВО ФИОКА ПРЕСУДИТЕ ЗА МИЈАЛКОВ, ЕЈУП АЛИМИ, ВЛАДИМИР ТАЛЕВСКИ И ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ

    СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА БЕЗ ПРОБЛЕМ ГИ СТАВИ В ЗАТВОР КАТИЦА И БОКИ 13, А ГИ ЗАБОРАВИ ВО ФИОКА ПРЕСУДИТЕ ЗА МИЈАЛКОВ, ЕЈУП АЛИМИ, ВЛАДИМИР ТАЛЕВСКИ И ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИКоординаторка за Апелациониот суд Скопје во Судскиот совет е Тања Чачарова-Илиевска (прва од лево на сликава), која вели дека презела мерки за случаите со кои калкулира Скопска апелација, но не може да се меша во судските одлуки. До неа се Милазим Мустафа, Весна Дамева и Мирсад Сурои (Фото: К. Попов)

    Апелациониот суд Скопје ги чува со месеци и со години предметите за висока корупција кои одвај завршија во Основниот Кривичен суд Скопје, зашто судењата беа со чудни застои, со „ненадејни“ пензионирања на поротници и со бескрајни одлагања.

    Најсвежа укинувачка одлука имаше минатиот петок, кога падна пресудата од 8 години затвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и на другите осудени во случајот на Специјалното јавно обвинителство „Трезор“ за незаконска набавка на опрема за следење од Велика Британија.  Петчлениот судиски совет овој предмет од висок јавен интерес го чуваше од април.

    Апелациониот суд Скопје не дозволи во затвор да влезат ни Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ, првиот висок поранешен функционер и пратеник. Тие беа првостепено осудени на казни од по 3,5 години затвор, бидејќи по локалните избори во Чаир влегле во просторијата со гласачките списоци и ги преправиле во корист на кандидатот за градоначалник на ДУИ, кој со такви фалсификувани резултати победи и владееше во Општината 4 години.

    Втор предмет што го чува од март и уште не одлучува за него е „Тврдина-Таргет“, за масовното незаконско прислушување на граѓаните и на странски дипломати во период од 2009 до 2015, каде Мијалков е осуден на 12 години, а поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на 4 години затвор.

    Тој предмет е во фиоките на Апелација, за да застари. За „Тврдина-Таргет“ времето тече, зашто е по обвинителен предлог, и побрзо застарува. Кога ќе ја укине пресудата и ќе го врати и него на повторно судење, набрзо ќе застари кривичното гонење за групата обвинети за масовното прислушување.

    Рекордот за неодлучување од предметите за висока корупција го држи случајот „Транспортер“, кој две и пол години чмае во Апелациониот суд Скопје. За тоа време, главниот обвинет Владимир Талевски, осуден првостепено на 8 години затвор за проневера на 300 илјади евра општински пари, како градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, седи во куќен притвор и зема плата  од Битолскиот театар кај што беше вработен како актер пред да стане градоначалник. Нема правосилна пресуда, нема отказ од работа. Овој случај со неколку десетици обвинети тогашната судијка од Кривичниот суд Добрила Кацарска го заврши за рекордно брзо време, за сега по жалба Апелација да го квачи две и пол години.

    Со помалку обвинети, односно правосилно осудени, е предметот за организаторите на нападот на Собранието на 27 април 2017: поранешниот спикер Трајко Вељаноски, поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристевски. Првообвинетиот Никола Груевски е во бегство, нему ќе му се суди штом ќе биде достапен на органите на прогонот. Речиси цела година Апелациониот суд Скопје не одлучува по жалбите на овие четворица високи функционери.

    Во меѓувреме, постапките за обичните граѓани и за јавни личности кои не се функционери си течат нормално. На пример, во рекордно време доби правосилна пресуда Ѓоко Поповски, службеник на висока позиција во МВР со две казни по 4 и пол години за мерцедесот на Груевски и 9 години затвор за незаконската набавка на возила за МВР.  Истото се случи и со шоуменот Боки 13 кој беше осуден на 9, а специјалната обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор. Тие добија првостепени, а потоа и правосилни пресуди од Апелациониот суд Скопје и веќе длабоко се навлезени во нивното отслужување затвор.

    Само еден судија беше разрешен за одолговлекување на рочиштата за висока корупција, и тоа од Кривичниот суд Скопје, што го водеше случајот „Траекторија“ за проневера на милионски суми за изградба на кинеските автопати. Други такви случаи на разрешување нема ниту во Основниот Кривичен суд Скопје,  ниту во Апелациониот суд Скопје.

    Во Кривичниот суд, пак, (во прв степен) уште се влечат не само „Траекторија“ со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, туку и „Моќник“ со пратеникот Антонијо Милошоски, „Тендери“ со ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска, првиот случај на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности, „Тревник“ со Драган Павловиќ-Латас, „Талир 1“ за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и други. Три години е развлечено и судењето за автобуската сообраќајна несреќа во февруари 2019 кај Ласкарци, во која загинаа 16 патници, а многумина беа тешко повредени. Над една година се одлага и судењето за корупција против Зоран Теофилоски, доскорешен член на Судскиот совет.

    За секој суд во Македонија во Судскиот совет има назначено координатор. Координаторка за Апелациониот суд Скопје е Тања Чачарова-Илиевска, избрана во Судскиот совет од парламентарното мнозинство. Беше советник на поранешниот премиер Зоран Заев. Ја прашавме дали извршила контрола во судот, какви мерки презела за селективната правда, за држењето на одредени предмети за корупција со месеци и години без одлука.

    Еве ги прашањата што ги поставивме до Судскиот совет:

    „Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК бара да ни одговорите како координатор на Скопска апелација: Што презедовте кон судиите кои ги држеа во фиока и ги одлучуваа со месеци предметите по жалба кои се со корупција и се од висок јавен интерес, за на крајот да ги укинат пресудите и да ги вратат тие предмети на повторно судење? Некои, како „Транспортер“, две и пол години се во Апелациониот суд Скопје и за нив уште нема одлука. Предметите кои таму седеа со месеци се: ‘Титаник 3’ со Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ, потоа ‘Тортура’ од Сашо Мијалков, ‘Тврдина-Таргет’ со обвинетиот Мијалков кој таму е од март, потоа ‘Трезор’ со Мијалков, кој од април се чуваше под мраз, за минатиот петок да се донесе одлука за укинување на пресудата.

    Сакаме да ве прашаме и дали сте се заинтересирале евентуално за предметот ‘Организаторите на 27 април’, кој исто така седи во Апелација со месеци без одлука, за разлика од брзото постапување за Боки 13, Ѓоко Поповски, Катица Јанева и други обични смртници кои не се функционери?

    Што ќе одговорите пред македонската јавност и пред меѓународните помагачи за борба против корупцијата – зошто се толерира неказнивост или селективна казнивост во Апелациониот суд Скопје, каде стигнуваат по жалба предметите од одделот за организиран криминал во Кривичниот суд Скопје?“.

    Од Чачарова-Илиевска добивме писмен одговор:

    „Судскиот совет нема законски надлежности да се  меша во донесувањето судски одлуки, а динамиката за постапување во судските предмети ја определува судијата надлежен за предметот. Судскиот совет во рамките на своите надлежности ја следи работата на судовите и презема мерки за ажурно постапување“, е одговорот на Чачарова-Илиевска испратена до САКАМДАКАЖАМ.МК преку портпаролот на Судскиот совет.

    Незадоволни од одговорот, препрашавме – какви мерки за ажурно постапување на Апеалциониот суд Скопје презела таа или Судскиот совет?

    „Тоа е одговорот и на дополнителните прашања“, пренесе портпаролот.

    Членови на Судскиот свет на почетокот на месецов беа во Брисел, во Европската комисија како учесници на скрининг процесот за поглавјето 23 од преговорите за влез во ЕУ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира