СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ ГО ИСПИТУВА ОДАВАЊЕТО ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ ОД МИЛОШОСКИ ОД РАЗГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈА

    СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЌЕ ГО ИСПИТУВА ОДАВАЊЕТО ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ ОД МИЛОШОСКИ ОД РАЗГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО СО ГРЦИЈАВчера пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ најави кривична пријава против колегата Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ зашто објавил класифицирани информации од кабинетот на Иванов. - Милошоски на денешната седница на Комисијата за надворешни работи (Фото: К. Попов)

    За одавањето на службена тајна – документи од разговорите за името што ги водел државниот врв кај претседателот Ѓорге Иванов, предистрага ќе отвора Основното јавно обвинителство Скопје, поднеле или не кривична пријава пратениците од СДСМ, велат од обвинителството.

    „Бидејќи кривична пријава за ваков настан во Парламентот е веќе најавена од пратеници, ние неа денеска ќе ја почекаме. Ако не, обвинителството ќе оформи предмет по допрен глас и ќе ги испита тие наводи, кои беа потврдени и со официјално соопштение од Собранието. Ќе испитаме кога и од кој од кабинетот била дадена таква класифицирана информација, кому е дадена, дали е таа навистина класифицирана информација, лицето што ја зело и и располагало натаму со неа дали има безбедносен сертификат и сите наводи и сомневања околу овој настан, за кој обвинителството дозна вчера од некои пратеници“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Скопското јавно обвинителство.

    Вчера пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ најави кривична пријава против колегата Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ зашто објавил класифицирани информации од кабинетот на Иванов, а денеска претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение го обвини дека до овие тајни информации дошол по заобиколен пат.

    „Претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски повеќе од една година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот. Според ова, пратеникот и претседател на Комисијата, кој е без безбедносен сертификат, согласно Законот за класифицирани информации, не можел да бара, да поседува и да изнесува јавно документи кои имале назнака ‘строго доверливо’“, наведува Џафери.

    Според тврдењето на кабинетот на спикерот Џафери, Милошоски доставил барање до кабинетот на претседателот Иванов за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добил материјалите од кабинетот на Иванов, нешто што не е според законот, се вели во соопштението од Џафери.

    „Материјалот е отворен и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во Архивата за да се процесира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието. Укажуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, постапил согласно член 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна. Како тајна се сметаат сите материјали што му се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот. Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието“, наведува кабинетот на Џафери.

    Во Кривичниот законик за одавање на државна тајна предвидена е казна затвор од една до пет или од една до десет години.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира