СЛУЧАЈОТ МИ ГО ДАДОА 20 ДЕНА ОТКАКО СЕ СЛУЧИ ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО, ТВРДИ ТОГАШНИОТ ИСТРАЖЕН СУДИЈА ВЛАДИМИР ТУФЕГЏИЌ

    СЛУЧАЈОТ МИ ГО ДАДОА 20 ДЕНА ОТКАКО СЕ СЛУЧИ ПЕТКРАТНОТО УБИСТВО КАЈ СМИЛКОВСКО ЕЗЕРО, ТВРДИ ТОГАШНИОТ ИСТРАЖЕН СУДИЈА ВЛАДИМИР ТУФЕГЏИЌНа денот на настанот увид на местото не извршил тој, туку дежурниот истражен судија во Основниот суд Скопје 1, кој не бил од одделот за организиран криминал, и обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје. - Судијата Владимир Туфегџиќ

    Судијата од Основниот суд Скопје 1 Владимир Туфегџиќ, кој ја водеше истрагата за петкратното убиство кај Смилковското езеро, за САКАМДАКАЖАМ.МК открива дека нему предметот му бил даден дури по 20 дена откако се случил крвавиот настан на 12 април 2012 година.

    Откако обвинителката Љиљана Спасовска вчера од Врховниот суд изненадувачки побара да ги укине пресудите за случајот „Монструм“ и предметот да се врати на почетна фаза во Основниот суд Скопје 1, сега и Туфегџиќ се сомнева каков предмет и какви докази, всушност, му биле донесени 20 дена по настанот и што се случувало во меѓувреме.

    На денот на настанот увид на местото не извршил тој, туку дежурниот истражен судија во Основниот суд Скопје 1, кој не бил од одделот за организиран криминал, и обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје. Истрагата тогаш беше по стариот Закон за кривична постапка и барањето докази беше под водство на полицијата, а не под палката на обвинителот, како што е сега.

    „Јас не сум бил дел од увидот на лице место. Овој предмет во Одделот за организиран криминал е оформен после 20 дена“, вели Туфегџиќ.
    Што се случувало во тој период, како крим-техника од МВР ги собирала доказите и кому ги давала во Основното обвинителство, пред да се оформи предмет во Обвинителството за организиран криминал, кои докази биле најдени на местото, како биле најдени и дали се веродостојни, никој не знае. Никој од Основниот суд Скопје 1 не може да знае што се случувало со доказите за монструозниот случај во периодот од тие 20 дена. Во судот дошле готови, стокмени од МВР.

    „Наводите кои ги истакна сега Републичкиот Јавен обвинител Љиљана Спасовска се толку многу сериозни што сами по себе отвораат многу прашања, особено поради фактот што со ваквите наводи директно се задира во правната сила и во валидноста на дел од изведените докази, како и во нивната подобност и релевантност. Особена тежина на сето ова дава фактот што ваквите наводи се истакнати токму од Јавниот обвинител, кој според законот е единствено овластен за гонење на сторители на кривични дела“, вели Туфегџиќ.

    Истрагата во Одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд е започната на 2 мај 2012 година, кога е оформен овој предмет како тероризам.

    „Ако навистина постојат нелегално прислушувани телефонски разговори, како што се тврди и на кои се повикува во своите наводи и обвинителката Љиљана Спасовска, а со кои располага СЈО, и кои на било кој начин би укажале на вмешаност на други лица во овој трагичен настан, сметам дека е крајно време надлежното јавно обвинителство во соодветна постапка ова да го испита“, смета судијата.

    За шпекулациите дека се работи за монтиран случај од високи политички кругови од власта, Туфегџиќ вели:

    „Не сакам да верувам дека зад сето ова постои политички интерес на било која политичка елита, бидејќи сметам дека не постои човек во Република Македонија кој не сака конечно да се стави крај на сите шпекулации и правни дилеми поврзани со овој трагичен настан“.

    Вчера на расправата во Врховниот суд за доживотните затворски казни на осудените во „Монструм“, обвинителката Спасовска, која го менува разрешениот Марко Зврлевски, изненади со својот настап како страна која обвинува, а не брани осудени лица:

    „Поради спорните факти во обвинението, предлагам да се отфрлат одлуките на првостепениот суд и на Апелациониот суд и да започне нова истрага имајќи ги предвид фактите на одбраната. Фактите треба да се оценат праведно. Треба да се имаат предвид и сомнежите дека за наведеното дело постојат и прислушувања, нешто што ја проблематизира актуелната одлука за овој случај. Новата истрага треба да го аргументира со факти секој заклучок на Јавното обвинителство во обвинението“, се посомнева Спасовска во заклучоците на обвинителството за овој случај.

    Прислушуваните разговори, рече таа, фрлаат дополнителна сенка и објасни дека затоа побарала судот да ги обезбеди овие докази.
    „Јас не сакам да работам во сенка, не сакам да сум во темница. Сакам да сум на чистина и на виделина, а судот е должен да ја отстрани сенката, со цел задоволување на правдата и правичноста“, рече во Врховниот суд Републичкиот обвинител Спасовска.

    Патем го потсети Врховниот суд, кој сега е на потег да одлучи, откако и обвинителката застана на страната на осудените и нивните адвокати:
    „Јавното обвинителство е должно да го штити јавниот интерес и да ја гарантира сигурноста на граѓаните. На тоа е обврзан и Врховниот суд. Судот треба да донесе пресуда на која нема да се стави никаков атрибут ниту етикета“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира