СНИМКИ ОД ОБИДОТ ЗА УБИСТВО НА СЕЛА ПРВПАТ ПУШТЕНИ ВО ЈАВНОСТ

    СНИМКИ ОД ОБИДОТ ЗА УБИСТВО НА СЕЛА ПРВПАТ ПУШТЕНИ ВО ЈАВНОСТЛидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Судијката Славица Андреева на денешното рочиште за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април лани во Собранието, ги пушти снимките од собраниската безбедносна камера на влезот од прес-салата во која се случија крвавите настани.

    Овие снимки се пуштаат првпат во јавноста. За обидот за убиство на Села кој едвај остана жив, обвинети се 10 лица. Деветмина од нив се во притвор во Шутка, еден е во домашен.

    Првата снимка покажува како надоаѓаат маскирани луѓе во фантомки и качулки, генерално со крупна и мускулеста градба. Со нив доаѓаат и помала група немаскирани луѓе, но и обвинетите. На почетната снимка се гледаше како по 18.30 часот надоаѓа толпата.

    Тогашната пратеничка Радмила Шеќеринска и други пратеници, новинари и собраниски службеници набрзина втрчуваат во прес-салата. Остануваат надвор обезбедувањето на Оливер Спасовски, Сашо Тасевски, и на Зоран Заев, Александар Трајков, со неколкумина членови на собраниското обезбедување. Доаѓа до физички контакт, Тасевски е удрен.

    Остануваат пред вратата со Трајков. Се собираат повеќе лица со фантомки. Се туркаат со обезбедувањето. Се враќаат неколку пати. Се гледа како тогашниот шеф на обезбедувањето на Собранието Александар, го удираат и го фрлаат на земја.

    Се собира поголема толпа, се прави притисок и вратата се пробива. Веднаш излегува првин една група новинари и пратеници, а потоа уште една и на крајот камермани. Внатре останува новинарката од ТВ 24 и сведок Душица Мрѓа. Цело време влегуваат-излегуваат маскирани и лица без фантомки.

    Слика од тоа што се случува внатре засега нема, бидејќи внатре нема безбедносни камери. Цело време фотографира Александра Дуковска, за која во сведочењето Села кажа дека му се заканувала нему и пратениците со кои стоел. Обвинителот рече судот да констатира оти од неа полицијата одзела огромен фото материјал.

    Потоа оди снимка на која се гледа како обвинетите го изнесуваат Зијадин Села. Тие на судењето тврдат дека го спасувале. Полиција сè уште нема. На снимките не се забележува ниту еден припадник на МВР. Во моментов судијката даде полчасовна пауза. Продолжува емитувањето на снимки и фотографии од насилствата во Собранието на 27 април.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира