СО БУГАРИЈА НЕ ПРЕГОВАРАМЕ ЗА ЈАЗИКОТ И ИДЕНТИТЕТОТ, КАЖА ОСМАНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    СО БУГАРИЈА НЕ ПРЕГОВАРАМЕ ЗА ЈАЗИКОТ И ИДЕНТИТЕТОТ, КАЖА ОСМАНИ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕNепотребно се шири хистерија дека се можни ад-хок решенија за спорот со Бугарија. Османи на собранската комисија (Фото: К. Попов)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека во преговорите со Бугарија никој не преговара за идентитетот, јазикот и другите идентитетски атрибути, на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи.

    „Кога сме кај чувствителните прашања, сакам јасно и гласно да повторам – никој не преговара за идентитетот!. Јазикот и другите идентитетски атрибути се прашања кои произлегуваат од правото на самоопределување на секој човек, на секој народ, на секоја етничка заедница, на секоја држава и тоа е неприкосновено право посилно од било кое друго право. За овие прашање ниту сме преговарале, ниту имаме право да преговараме, ниту некој некогаш ќе преговара“, изјави Османи.

    Конкретно за македонскиот јазик, Османи рече дека наша клучна позиција е македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации.

    „Нашата клучна позиција е дека во самата преговарачка рамка, македонскиот јазик да биде третиран како официјален јазик на Европската Унија без никакви додатни квалификации како и прашања поставени од Бугарија“, кажа Османи.

    За идентитетските прашања, Османи рече дека можеби во минатото кога се пласирале некакви тези за негирање на идентитетот на Македонците како „Еден народ во две држави“, тоа претставувало обид за наметнување на еден единствен поглед на историската вистина, но дека сме успеале да покажеме дека се тоа ретроградни појави кои не одговараат на современите цивилизациски вредности.

    „Денес веќе не разговараме за идентитет, туку единствено за пристапот при утврдувањето на правото на самоопределување на секој – во согласност со постоечкото државно уредување кај двете држави. Тоа не води до сетот политички прашања кој до неодамна беше именуван како пакет 5+1“, рече Османи.

    Тој кажа дека непотребно се шири хистерија дека се можни ад-хок решенија за спорот со Бугарија, бидејќи не може никој сам, без знаење на граѓаните, да донесе каква било одлука или договор на штета на нашите државни позиции.

    „Сакам да порачам дека државниот тим целосно се води од позициите, државна позиција, дека секое прашања поминува низ неколку филтри – прво се тука експертите и дипломатите во МНР, професионалци кои со овие прашања се занимаваат во дипломатијата независно која било политичка власт во државата. Тоа се истите луѓе со кои работеле и моите претходници, меѓу кои и сегашниот претседател на комисијава, Антонио Милошоски кога тој беше министер. Потоа е и Владата, каде одлуките ги носиме заеднички, а секако на крајот и оваа Комисија, Собранието воопшто, и на крајот и граѓаните“, кажа Османи.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира