Семејното насилство е секојдневие за голем број жени во државата кои страдаат зад затворените врати на домот, местото каде што сите треба да се чувствуваме најбезбедно. Нема ден, a во билтените на МВР да нема еден, а неретко и повеќе вакви случаи. Најчести жртви на семејното насилство се жените кои со години го трпат малтретирањето од своите сопрузи, без да смогнат сили да го напуштат домот. Но, и кога ќе се одлучат на тој чекор, ги следи исто така тежок и трнлив пат полн со тешкотии и предизвици. Еден од најголемите проблеми е каде да одат по напуштањето на домот во кој биле жртви на насилство.
„Додека бев во брак, со години трпев семејно насилство, затоа што немав никој свој, ниту другарки, немав каде да одам“, вака ја почнува приказната за својата тажна животна судбина нашата соговорничка која сакаше да остане анонимна.
Постојано била дома, не ѝ дозволувале ниту да работи, ниту да има пријатели. Заканите по животот, биле пресуден момент да побара поддршка од невладина организација, која нудела бесплатна правна помош, па заедно со децата, го напуштиле нивниот дотогашен дом и изнајмиле стан. Животот ги принудил неколку дена да спијат во автомобил. Таа сѐ уште живее под кирија, затоа што нема сопствен дом. Иако сега мора сама да обезбедува финансии, сепак е помирна затоа што го надминала тој тежок период од животот.
„По разделбата со сопругот, изнајмив стан на 11-ти кат во зграда, затоа што беше поевтино. Потоа сопственикот ми даде рок од 10 дена да се иселам. Немав каде да одам и пет дена со децата живеевме во автомобилот. Потоа најдов друг стан под наем, кој исто така беше на погорните катови односно на 9-ти кат. Ниедна институција финансиски не ми помогна, освен што добивав додаток за трето дете. Најдов работа за да ги издржувам децата и себеси и за да плаќам кирија. Поранешниот сопруг не плаќа алиментација за децата. Немав никој да ми помогне, родителите починаа, а немам ни пријатели“, вели нашата соговорничка.
Честопати родителите не дозволуваат нивната ќерка, жртва на семејно насилство, да се врати во домот, поради осуда од околината и поради менталитетот кој владее кај нас, но некои и немаат роднини кои би ги згрижиле. Незаштитени, немаат каде да живеат, а во некои од случаите жртвите продолжуваат да бидат малтретирани од сопругот и додека се разведуваат.
Од тетовскиот Центар за социјална работа велат дека секогаш по пријавите веднаш излегуваат на терен, заедно со полицијата, за да ја извлечат жртвата од насилната средина. Секоја жртва, секој случај е различен и се постапува според тоа. Има право на бесплатна здравствена заштита, а по нејзина согласност добива и бесплатна правна помош. Доколку нема каде да живее ѝ обезбедуваат сместување во сигурна куќа или центар за жртви. Отворањето на првиот Шелтер центар во Полошкиот регион е само една можност за времено засолнување на жртвите на семејното насилство.
„Полошкиот регион полека ги добива ресурсите, што во претходните години ги немаше. Сега има Шелтер центар со стручен кадар и советувалиште за жени жртви на семејно насилство, освен советувалиштето во Центарот за социјална работа. Ние соработуваме со засолништето за жртви на семејно насилство, кое го отвори невладина организација од Гостивар. Иако не е под државна надлежност, сепак е одличен ресурс којшто ние го користиме“, велат стручните работници во Центарот за социјална работа Тетово.
Досега, во недостиг на засолниште за згрижување на жртвите на семејно насилство во полошкиот регион, Центарот во соработка со граѓанските организации наоѓал сместување, чии трошоци ги покривале тие, додека жртвата не застане на нозе.
„Имавме жртва на семејно насилство на која, со помош на граѓанско здружение, една година ѝ домување. Неа ѝ беше платена кирија за станот и режиските трошоци. Тоа ја охрабри жената и успеа по разводот да се осамостои. Ја искористи нашата услуга за кариерно советување, сега работи и сама ги плаќа сите трошоци. Тоа е целта“, додаваат од Центарот.
Но, не само државните институции, последниве години неколку невладини организации имаат активна улога во пружање помош на жртвите на семејно насилство. Во тетовскиот регион водечката улога ја има организацијата „Женски форум“, додека во Гостивар тоа е организацијата Центар за женски права „Етика“, која има голема заслуга за отворањето на првиот Шелтер центар во Полошкиот Регион, пред шест месеци.
Од организацијата Центар за женски права „Етика“ велат дека засолништето за жртвите на семејно насилство е на тајна локација заради безбедноста на тие што се згрижени во него. Шелтер центарот е лиценциран од 10 мај годинава, кога од Министерството за труд и социјална политика е потврдено дека ги исполнува сите стандарди, по што почнал со работа. Моментално во него е згрижена една жена од Тетово, а претходно имало и друга жртва, која била со дете.
„Шелтер центар соработува со сите важни институции, како полицијата и центрите за социјална работа. Жртвата не доаѓа сама кај нас, туку со решение на овие институции. Жртвата во засолништето може да престојува најмногу една година. Во тој период, додека жртвата е кај нас, може да ги користи услугите од нашиот тим составен од социјален работник, психолог и педагог. Таа добива сместување, исхрана, облека, поддршка во секоја смисла. Ако има деца се грижиме и за нив. Во овој период може да посетува обуки или тренинзи, за потоа да ѝ најдеме работа и да може да се осамостои. Нам ни+ е важно жртвата да се реинтегрира и повторно да се врати во општеството. Потребна е финансиска помош од властите, како на локално, така и на централно ниво, за овој Шелтер центар да биде одржлив, затоа што сега е поддржан само од невладина организација“, вели Себајете Зенки, координатор на „Шелтер центар“ и претседателка на Центарот за женски права „Етика“.
Засолништето за жртви на семејно насилство е помогнато од УНФПА – Агенција на Обединетите нации за сексуално и репродуктивно здравје. Но, бидејќи се работи за проект, дониран од меѓународна организација, работата на Шелтер центарот е временски ограничена, па постои реална можност по завршувањето на проектот тој да биде затворен. Токму затоа државата треба во наредниот период да изнајде средства за да поддржи понатамошна работа на единствениот Шелтер центар во Полошкиот регион.
Бројот на случаи на семејно насилство во Полошкиот регион расте, што најверојатно се должи и на зголемената свест кај жртвите повеќе да не го кријат туку да го пријавуваат ваквиот вид насилство. Во Секторот за внатрешни работи Тетово, во првите девет месеци од годината, на тетовско – гостиварското подрачје се пријавени 104 кривични дела поврзани со семејно насилство. Многу поголем е бројот на поплаки во врска со семејното насилство кои завршуваат со предупредување на сторителите. Сторители на семејно насилство најчесто се мажи, а поретко жени, додека најголем број од жртвите се женски лица.
З. АНДОНОВ
Оваа сторија е подготвена во рамки на проектот „Откријте, ангажирајте, поттикнете: застапување против семејното насилство“, кој Здружението ЕСЕ го имплементира со поддршка на Француската амбасада во Скопје.