СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ПОКАЖАВТЕ ДЕКА СТЕ КРЕДИБИЛЕН ПАРТНЕР, ЕУ ТРЕБА ДА ОДОБРИ ДАТУМ, КАЖА ЦИПРАС

    СО ДОГОВОРОТ ОД ПРЕСПА ПОКАЖАВТЕ ДЕКА СТЕ КРЕДИБИЛЕН ПАРТНЕР, ЕУ ТРЕБА ДА ОДОБРИ ДАТУМ, КАЖА ЦИПРАСПоранешниот грчки премиер Алексис Ципрас кажа дека Договорот од Преспа е победа на дипломатијата над силите на национализмот. - Ципрас и Заев на Самитот за Западен Балкан, што се одржува денеска во Скопје (Фото: К. Попов)

    Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, кој е еден од гостите на Самитот за Западен Балкан во Скопје, вели дека Европската унија треба да ја остави зад себе интровертноста и да одобри датум за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија на состанокот на Европскиот совет на 17-18 октомври. Ципрас потсети дека ЕУ поминала низ тежок период од 2014 до 2017 година, но дека сега е време да се обнови европската перспектива за земјите од Западен Балкан.

    „Се сеќавам на денот кога Коѕијас и Димитров го потпишаа Договорот од Преспа и тогаш почувствувавме дека ја градиме историјата. Овој сложен договор ни овозможува да одиме напред со нашите билатерални односи и да преземе нови чекори напред. Се разбира, има прашање кои уште чекаат, како отстранувањето на грчките симболи и менувањето учебниците. Но, најважниот чекор е направен, нашите земји веќе не се противници, а нашите народи ќе почнат да ги гледаат придобивките. Изминатиов период се боревме и со темната страна на Европа, национализам, екстремизам, нееднаквост, затворање во себе… Од 2014-2017 година, ЕУ поминуваше низ голема криза, посебно со мигрантската криза и ЕУ се сврте кон себе. Со премиерите на Бугарија и Србија се сретнавме во Солун, а потоа и во Варна, каде што ни се приклучи и романскиот премиер. Зборувавме дека постои голем политички јаз во ЕУ и треба да се обнови таа европска перспектива. Членството на Балканот беше ставено повторно високо на агендата на ЕУ. Договорот од Преспа е победа на дипломатијата над силите на национализмот. Договорот од Преспа покажа дека Северна Македонија е кредибилен партнер и ЕУ треба да одобри датум за почеток на преговорите. ЕУ мора да прекине со својата национална интровертност“, рече Ципрас на Самитот за Западен Балкан, во организација на „Економист“.

    Тој додаде дека Договорот од Преспа не бил наметнат од страна, потсетувајќи дека уште пред да стане премиер, неговата партија Сириза, како една од најмалите во левиот блок во Грција, се борела за помирување и постигнување договор.

    Македонскиот премиер Зоран Заев се надоврза дека на нивната прва средба во Давос била договорена рамката, а потоа работеле напорно, свесни за ризиците, но и за придобивките од Договорот од Преспа за граѓаните на двете земји.

    „Се договоривме да се штитиме меѓу себе и да се грижиме еден за друг“, кажа Заев.

    Прашан за датумот за преговори, Заев рече дека ЕУ треба да наградува место да казнува.

    „Како ќе ги убедат Вучиќ и Тачи да постигнат договор ако нас не казнат. Европа мора да ги наградува позитивните примери и да покаже лидерство на Западен Балкан“, кажа Заев.

    Поранешниот претседател на Европскиот парламент и екслидер на германската Социјалдемократска партија Мартин Шулц рече дека ЕУ ќе го загуби кредибилитетот ако не одобри отворање преговори со Северна Македонија и Албанија.

    „Но, од мое лично искуство, ништо не е предвидливо во ЕУ и не знам што ќе се случи.

    Лидерите често го користат европското прашање за да добијат поени дома. Релативно сум сигурен дека ќе добиете датум, но не можам да гарантирам“, кажа Шулц.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира