Со донација на амбасадата на Соединетите Американски Држави, од денес судниците во Основниот кривичен суд имаат опрема за аудиоснимање на судењата. Опремени се 25 судници, и со тоа повеќе на судењата нема да има потреба да се води записник, односно да се запишува сѐ што кажеле судиите, адвокатите, обвинителите, обвинетите.
На промоцијата на аудиоопремата во Кривичен суд денеска беше американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, која присуствуваше и на едно судско рочиште кое се снимаше.
„Овој процес е важен во напорите за владеење на правото. Со ваквата опрема ќе се зголеми транспарентноста на судските процеси и довербата на граѓаните во институцијата. Сега судиите и адвокатите ќе се фокусираат на тоа што го зборуваат. Процесите ќе биде поефикасни, а странките ќе добијат аудиозапис од одржаното рочиште“, кажа амбасадорката Брнз.
Новата опрема ќе биде поврзана со АКМИС системот.
А. АНТЕВСКА