СО ИЗЛОЖБА ФОТОГРАФИИ ОД АУШВИЦ ВО МНР ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ НА ХОЛОКАУСТОТ

    СО ИЗЛОЖБА ФОТОГРАФИИ ОД АУШВИЦ ВО МНР ОДБЕЛЕЖАН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ НА ХОЛОКАУСТОТИзложбата „Аушвиц - место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“ е од Јад Вашем – Израел. (Фото: МНР)

    Со изложбата „Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“ од Јад Вашем – Светски центар за сеќавање на холокаустот во Израел, во Министерството за надворешни работи (МНР) денеска беше одбележан 27 јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот.

    Овие фотографии од германскиот нацистички концентрационен логор Аушвиц во окупирана Полска, кој беше ослободен на 27 јануари 1945 од советската војска, се единствена досега позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите кои биле депортирани во Биркенау. Од околу 1,3 милиони луѓе испратени во логорот, повеќе од 1,1 милион беа убиени, повеќето од нив Евреи, но и Полјаци, Роми и Синти, советски воени затвореници, левичари, геј луѓе и други кои беа цел на елиминација во расната идеологија на Адолф Хитлер.

    На настанот, чиј домаќин беше министерот Тимчо Муцунски, присуствуваа бројни гости, членови на еврејската заедница, дипломатскиот кор и претставници од научно-академската сфера. Муцунски говореше за 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц каде било спроведувано финалното решение на нацистите за истребување на Евреите.

    „Историскиот ревизионизам и релативизирање на настаните од минатото, спонзорирани или поттикнати од државниот апарат се реалност. Па оттука се поставува прашањето, дали ‘Никогаш повеќе’ и ‘Да не се заборави’ се само празни флоскули или имаат некакво суштесвено значење во креирање на свет ослободен од секакв вид на дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, шовинизам, и исклученост“, рече директорот на Музејот на Холокаустот, Горан Садикарио.

    Тој додаде дека Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија донесе одлука за бесплатен влез на организирани групи од основните и средните училишта во Меморијалниот центар.

    Муцунски оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на 7.144 македонски Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани од бугарската фапистичка окупаторска власт. Тој рече дека, како полноправна земја членка на Меѓународната алијанса на сеќавање на холокаустот (ИХРА), македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствува на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на логор Аушвиц-Биркенау, во предградието на Ошвјенќим, близу Краков. Комеморацијата се одржува во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ со присуство на педесетина државни делегации од целиот свет.

    од Музејот „Аушвиц-Биркенау“ соопштија дека оваа годишнина ќе биде без говори на политичарите. Говорите ќе ги одржат само преживеаните од логорот, околу 50-на, бидејќи, според директорот на музејот Пјотр Цивињски, тоа ќе биде можеби последната голема комеморација на која тие ќе можат лично да сведочат за своите искуства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира