СО МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ПОМОШ НА ЖРТВИ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО МАКЕДОНСКИ ТИНЕЈЏЕРИ ПОБЕДИЈА НА СВЕТСКИОТ КОНКУРС НА УНИЦЕФ

    СО МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА ЗА ПОМОШ НА ЖРТВИ НА ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО МАКЕДОНСКИ ТИНЕЈЏЕРИ ПОБЕДИЈА НА СВЕТСКИОТ КОНКУРС НА УНИЦЕФМакедонскиот тим „АндоМета“ ќе добие стручно менторство и 20.000 долари од глобалната иницијатива Генерација без граници за развој на идејата за создавање заедница која ќе им помога на жртвите на врсничко насилство (Фото: УНИЦЕФ)

    Македонски тинејџери со мобилна апликација за поддршка на жртви на врсничко насилство се меѓу петте победници во светот на младинскиот предизвик од глобалната иницијатива Генерација без граници (Generation Unlimited). Победниците на глобалната иницијатива се прогласени во Њујорк од УНИЦЕФ и партнерите, а меѓу нив е македонскиот тим „АндоМета“, кој со својата мобилна апликација Проговори (Speak Out) сакаат да создадат заедница за поддршка и помош на жртви на врсничко насилство. Тие ќе добијат стручно менторство и 20.000 долари за развој на нивната иницијатива.

    Во младинскиот предизвик учествуваа над 800 иноватори од 16 земји.

    „Мобилна апликација ги мотивира младите анонимно да побараат помош и да дадат поддршка на своите врсници. Ним им се нудат две опции за добивање помош. Јавно да објават и да добијат помош од другите членови во заедницата или да разговараат со волонтер, приватно, еден на еден. Имам чувство дека возрасните не веруваат секогаш во нашите способности, но искуството не доаѓа само со годините, туку со правење работи што се важни. Младите можат да направат промена“ , вели 18-годишната Александра Поповска, лидерка на тимот.

    Шеснаесетгодишниот Матеј Плавевски вели дека и самиот доживеал насилство и дека тоа му помогнало во процесот на изработка на апликацијата.

    „За мене беше интересно и да се научи дека понекогаш, за да функционираме, не мора да се согласиме околу сѐ, дури и по подолга дискусија. Може само да се согласиме дека не се согласуваме и да се почитуваме“, вели Матеј.

    Неговиот врсник Дарио Стојанов вели дека младите може да направат промена, ако имаат волја и мотивација, и ако научат да се здружат и да соработуваат.

    „Еден поединец не може да направи промена во општеството, но кога повеќе луѓе работат заедно, може да се постигне речиси сѐ,“ вели тој.

    Во тимот се и 17-годишната Амра Личина и 18-годишната Данче Петрушевска, кои велат дека важно е да се почне и да се има самодоверба.

    Оваа глобална иницијатива ја промовираа светските лидери со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутиереш, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и извршниот директор на УНИЦЕФ Хенриета Фор, а се однесува на млади од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година.

    „Земјата треба да се гордее со овие млади и бистри умови. Тие докажуваат дека кога ќе им се даде можност, младите овде имаат идеи и енергија да создадат подобар свет за себе. Преку соработка, тие не само што се фаќаат во костец со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација, туку и учат нови преносливи вештини како што се вештините за решавање проблеми, иновација, претприемништво кои ќе им помогнат да одржат чекор со променливите барања на пазарот на трудот на утрешницата и ќе придонесат за просперитет на државата“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари