Со помош на нов метод на авионско засејување на облаците, вчера беше спречена појава на град, а со тоа и штети на земјоделски посеви на четири локации во земјата, објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Откако тие биле лоцирани преку радарските центри Ѓуриште и Тополчани, Управата за хидрометеоролошки работи преку аероклубот „Скопје“ изврши авионско засејување на градоносни облаци и потенцијално градоносни облаци со 29 палки, кои содржат по 400 грама сребро јодит. Тоа беше направено во јужниот дел на Пелагонија и Ресенско, во реонот на Кратово, североисточно од Свети Николе и во Кочанско.
„Според радарските слики и информациите од земјоделци од терен, засејувањето било успешно. Спречена е појава на град, а со тоа и земјоделските посеви останаа заштитени. Управата за хидрометеоролошки работи активно ги набљудува облачностa и движењето на градоносните облаци преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште и во целиот процес клучно е да се добијат навремени и точни податоци за временската прогноза“, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Сончево и многу топло време е најавено и за наредните денови, а од четврток е можна и локална појава на пороен дожд и грмежи.