СО НОВ МЕТОД НА АВИОНСКО ЗАСЕЈУВАЊЕ НА ОБЛАЦИТЕ СПРЕЧЕНА ПОЈАВА НА ГРАД НА ЧЕТИРИ ЛОКАЦИИ ВО ЗЕМЈАТА

    СО НОВ МЕТОД НА АВИОНСКО ЗАСЕЈУВАЊЕ НА ОБЛАЦИТЕ СПРЕЧЕНА ПОЈАВА НА ГРАД НА ЧЕТИРИ ЛОКАЦИИ ВО ЗЕМЈАТАУправата за хидрометеоролошки работи преку аероклубот „Скопје“ изврши авионско засејување на градоносни облаци и потенцијално градоносни облаци - Патеката на авионот (Принтскрин - флајтрадар)

    Со помош на нов метод на авионско засејување на облаците, вчера беше спречена појава на град, а со тоа и штети на земјоделски посеви на четири локации во земјата, објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Откако тие биле лоцирани преку радарските центри Ѓуриште и Тополчани, Управата за хидрометеоролошки работи преку аероклубот „Скопје“ изврши авионско засејување на градоносни облаци и потенцијално градоносни облаци со 29 палки, кои содржат по 400 грама сребро јодит. Тоа беше направено во јужниот дел на Пелагонија и Ресенско, во реонот на Кратово, североисточно од Свети Николе и во Кочанско.

    „Според радарските слики и информациите од земјоделци од терен, засејувањето било успешно. Спречена е појава на град, а со тоа и земјоделските посеви останаа заштитени. Управата за хидрометеоролошки работи активно ги набљудува облачностa и движењето на градоносните облаци преку радарските центри Тополчани и Ѓуриште и во целиот процес клучно е да се добијат навремени и точни податоци за временската прогноза“, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

    Сончево и многу топло време е најавено и за наредните денови, а од четврток е можна и локална појава на пороен дожд и грмежи.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари