Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина, кажа премиерот Димитар Ковачевски на денешното свечено одбележување на Денот на македонскиот јазик. Тој додаде дека со прогласувањето на овој ден на 16 април 2019 беше исполнет заветот што ни го остави Блаже Конески.
„Јазикот е нашата татковина. Со оваа порака, Блаже Конески ни остави завет за негово чување, негување и унапредување како еден од столбовите на нашиот идентитет. Овој ден е во чест на денот кога Владата на Народна Република Македонија во 1945 година ги усвоила азбуката на македонскиот јазик и кирилското писмо како официјална азбука и писмо и денес, македонскиот јазик со својата посебност е признат низ целиот свет. Денес имаме вистинска мала армија на македонисти во светот: 300 студенти на универзитетите во Анкара, Истанбул, Риека и Будимпешта, а македонските јазик и култура се изучуваат и во Торонто, Љубљана, Марибор, Загреб, Лондон, Брно, Познањ, Братислава… Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и мора да го чуваме, унапредуваме и достојно да го предадеме на сите генерации после нас“, кажа Ковачевски.
Професорот Људмил Спасов од Советот за македонски јазик кажа дека ова е годината кога се афирмира новата стратегија за македонскиот јазик, треба да се определи неговиот современ статус и да се изготви проект за македонскиот јазик во дигиталната ера.
„Во таа насока, во најкус можен рок треба да се актуелизира Законот за употребата на македонскиот јазик, што досега беше направено само еднаш, во декември 2017 и да се усвојат измени и дополнувања на законот“, кажа Спасов.
Претседателот Стево Пендаровски истакна дека македонскиот јазик е нашето основно човеково право и дека денес повторно водиме тешка борба за докажување на неговата посебност.
„Денес оддаваме почит на нашата особеност, нашиот идентитетски темел и лингвистичка гордост – македонскиот јазик. Тој е и наше основно човеково право, право на самоопределување и самоизразување. Mакедонскиот јазик има сопствено место во словенското јазично семејство благодарение на генерациите пред нас кои нè задолжија да го негуваме преку неговото писмо, кое токму денеска го чествуваме. Не смееме никогаш да ја забораваме борбата на нашите предци за докажување на посебноста на македонскиот јазик и за правото на неговата употреба, која била тешка и исцрпувачка. Не помалку е лесна и денес, исправени пред нови, наметнати предизвици. Вековната писмена традиција што нам ни ја оставија претставува најголемото сведоштво за посебноста на македонскиот јазик“, кажа Пендаровски во својата порака.