До крајот на годината, Владата ќе отвори три регионални канцеларии за привлекување странски инвестиции, откако беа укинати економските промотори што ги воведе владата на ВМРО-ДПМНЕ. Во буџетот за оваа година, за отворање на овие канцеларии предвидени се 30 милиони денари или 500.000 евра, велат од кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Вицепремиерот Анѓушев вели дека овие регионални канцеларии ќе бидат отворени во САД, најверојатно на источниот брег, втората најверојатно во западна Германија и третата на Блискиот Исток. Тој рече дека се одлучиле на ваков модел како поевтин и пофункционален. Според него, има разлика меѓу претходниот модел на економски промотори и овој што го предлага оваа Влада.
„Со претходниот модел се праќа македонски промотор во странска држава и се прави паралелизам со амбасадорот, тие беа сместени во амбасадите и имаше двојство во функционирање на амбасадите и тоа често предизвикало конфликтни ситуации. Од друга страна, Македонија е мала и не може да очекуваме дека нас ќе нè бараат, туку треба да излеземе и да се промовираме. Сега имаме и што да промовираме, имаме Закон за поддршка на инвестициите во индустријата и имаме програма која треба да ја претставиме“, рече Анѓушев.
Тој кажа дека претходната идеја, место економски промотори во амбасадите да се назначат економски аташеа, ја отфрлиле бидејќи според законските одредби за работа на дипломатските претставништва, економски аташе мора да е вработен во Министерството за внатрешни работи најмалку две години.
„За жал, таков специфичен кадар нема и прибегнавме кон оваа пооптимална и поевтина идеја. За тоа се предвидени средства во буџетот, и тоа ќе бидат концентрирани единици, кои ќе имаат задача да разговараат со странски инвеститори за нашата програма и да ги донесат во Македонија, а дргата задача ќе биде да презентираат македонски производи, тоа што ние како држава го произведуваме. Практично, ова е сосем различен и многу поевтин модел отколку во 40 земји да испратите 40 промотори, кои работат дивергентно“, рече Анѓушев.
Е. БОЧВАРОСКА