СО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКЛУЧОЦИ НА СДСМ ВО СОБРАНИЕТО СЕ ЗАДОЛЖУВА ВЛАДАТА ДА НЕ ДОЗВОЛИ БУГАРСКИТЕ БАРАЊА ДА БИДАТ ОДРЕДНИЦИ ЗА ОТВОРАЊЕ И ЗАТВОРАЊЕ ПОГЛАВЈА ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ

    СО ПРЕДЛОЖЕНИТЕ ЗАКЛУЧОЦИ НА СДСМ ВО СОБРАНИЕТО СЕ ЗАДОЛЖУВА ВЛАДАТА ДА НЕ ДОЗВОЛИ БУГАРСКИТЕ БАРАЊА ДА БИДАТ ОДРЕДНИЦИ ЗА ОТВОРАЊЕ И ЗАТВОРАЊЕ ПОГЛАВЈА ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУОд вчерашниот протест против францускиот предлог. (Фото: К. Попов)

    Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески ги објави предлог – заклучоците на владејачката партија во врска со францускиот предлог. Кажа дека се поддржани и од пратениците на владејачкото мнозинство.

    Какко што кажа Митрески, СДСМ, поддржан од пратениците на владејачкото мнозинство, предлага заклучоци за заштита на јазичните, идентитетските, културните и историските посебности на македонскиот народ во текот на целиот процес на преговори со ЕУ.

    Во текстот на предложените заклучоци се вели:

    Се задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ, СЕП и МНР, доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските , историските и културните особености на македонскиот народ за елементи за кои не се преговара со ЕУ.

    Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ како и во целосна согласност со Резолуцијата усвоена од Собранието на 29 јули 2021 година.

    Се задолжува Владата во преговарачката рамка македонскиот јазик да биде наведен без било какви објаснувања, додавки или фусноти. Се задолжува Владата при склучувањето на било какви договори , спогодби и документи со ЕУ кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со ФРОНТЕКС, истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.

    Се задолжува Владата во текот на преговорите за пристапување, се до нивното завршување и заклучување на договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во ЕУ, дека нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа кое е наведено во преговарачката рамка. Со приемот во членство во ЕУ, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ, без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

    Се задолжува Владата, билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедски односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, да не дозволи да бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на преговорите за членство во ЕУ.

    Натаму, Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на преговорите со ЕУ. За одржување на првата меѓувладина конференција за отварање на пристапните преговори и скрининг процесот, и следната меѓувладина конференција за комплетирање на отварачката рамка на преговорите, согласно предлогот на француското претседателство со ЕУ, веднаш да се донесат одлуки тие да не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.

    Се задолжува Владата овие заклучоци да ги вгради во отварачката изјава Македонија на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

    И на крајот, се задолжува Владата редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на преговорите како и за одвивање на меѓувладините конференции за пристапување на Македонија во ЕУ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира