СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СЕ СЕРВИСИРААТ ДЕЛ ОД ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНИТЕ, ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОСТАВКА ОД ТЕВДОВСКИ

    СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ СЕ СЕРВИСИРААТ ДЕЛ ОД ДОЛГОВИТЕ НА ОПШТИНИТЕ, ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОСТАВКА ОД ТЕВДОВСКИЗа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ребалансот на буџетот е доказ дека владата на СДСМ и министерот Тевдовски досега ги имале најголемите промашување во економијата, и недозволиво катастрофален процен на реализирање на капиталните инвестиции, градежништвото и други сектори. - Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Кузмановса и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет (Ѓ. Личовски)

    Министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците во собраниската Комисија за финансирање и буџет го образложи ребалансот на буџетот за 2018 година со кој минимално се коригираат приходната и расходната страна и се сервисираат дел од долговите на општините.

    Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 отсто.

    Министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го предложениот ребаланс, рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.

    „Со Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО“, рече Тевдовски во образложението на ребалансот.

    Тевдовски рече дека Владата со овој ребаланс обезбедила околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните долгови како и на дел од долговите единките корисници основани од нив.

    За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ребалансот на буџетот е доказ дека владата на СДСМ и министерот Тевдовски досега ги имале најголемите промашување во економијата и недозволиво катастрофална проценка на реализирање на капиталните инвестиции, градежништвото и други сектори.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Цуклев рече дека владата на СДСМ е влада само за едно прашање, за името и дека има катастрофално потфрлање на реализацијата на капиталните инвестиции.

    Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска рече дека министерот Драган Тевдовски не успеал да ја подобри економијата, туку само придонел за влошување на економијата и треба да си поднесе оставка.

    „Министерот Тевдовски рече дека има раст во индустриското производство и раст на извоз, но тоа е резултат на одличното работење на ТИРЗ-зоните, односно тоа е благодарение на добрите политики кои претходно ги водеше владата на ВМРО-ДПМНЕ. Растот од 52 отсто на странските директни инвестиции од 2017 е резултат на реинвестирана добивка на веќе постоечките инвестиции кои се пак заслуга на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, која е и претседател на Комисијата за финансирање и буџет.

    Пратениците моментално се на пауза, за да им се подели стенограмот од образложението на ребалансот на буџетот за 2018 година.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари