Министерството за здравство подготвува систем за далечинско читање на рендген снимките, за да се реши повеќегодишниот пробЛем со недовршената дигитализација на радиодијагностиката.
„Во тек е изработка на информација за Владата за план за поврзување на радиолошките центри во здравствените установи низ Македонија во еден систем кој ќе овозможи далечинско читање на резултатите или снимките и нивно архивирање на централна локација. Се работи за интегриран систем за радиологија кој ќе вклучува телерадиологија и централно архивирање на снимките“, велат од Министерството за здравство.
Со реализација на овој план ќе се доврши дигитализацијата на радиодијагностиката, која како пилот проект во 2011 година беше воведен во дел од болниците, а целосната дигитализација требаше да заврши до 15 февруари 2012 година. Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров тогаш најавуваше дека со овој проект ќе направат заштеди, односно место скапи рендген филмови, снимката беше предвидено да се дава на це-де.
Недовршената дигитализација на радиодијагностиката им направи проблеми и на пациентите и на лекарите, односно пациентите навреме не може да ја добијат потребната услуга, а лекарите не можат да постават соодветна дијагноза.
Во дел од здравствените установи се прават дигитални снимки на рендген, компјутерска томографија, магнетна резонанца и мамографија, а во дел сè уште се издаваат снимки на рендген филмови. Проблем се и невоедначените програми за читање на дигиталните снимки, па ако треба радиологот или специјалистот да направи споредба меѓу претходна и сегашна состојба кај пациентот, се случува да не може да го прочита резултатот.
Во здравствените установи кои немаат дигитална радиодијагностика, пак радиологот не може да даде мислење за промена на состојбата, бидејќи практично нема како да ја прочита дигиталната снимка издадена од друга болница.
Во Здравствен дом Скопје повеќето апарати се аналогни и оттаму се издаваат рендген филмови. Дигитална магнетна резонанца и мамограф Здравствен дом-Скопје годинава набави за поликлиниката Чаир, а компјутерски томограф има во поликлиниката Јане Сандански.
„Имавме тендер за воведување радиолошки дигитален интегриран систем, со кој дигитално требаше да се поврзат сите единици на здравствен дом. Но, тендерот пропадна затоа што фирмите што се јавија имаа непотполна документација. Нов тендер не распишавме, бидејќи има најави од Министерство за здравство дека тоа ќе се прави на ниво на држава. Во меѓувреме сè уште издаваме резултати на рендген филмови. Се надеваме дека во буџетот за следната година ќе може дел од аналогните апарати да ги дигитализираме или да набавиме нови дигитални“, вели директорот на Здравствен дом Скопје Злате Мехмедовиќ.
Е. БОЧВАРОСКА