СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ ОТВОРА ВРАТАТА ЗА АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, НИЕ НЕМА ДА ГИ ПОДДРЖИМЕ, ВЕЛИ МИЦКОСКИ

    СО УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ ОТВОРА ВРАТАТА ЗА АСИМИЛАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, НИЕ НЕМА ДА ГИ ПОДДРЖИМЕ, ВЕЛИ МИЦКОСКИЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната македонска влада, подготвени се да седнат повторно на маса со бугарската влада и да преговараат за нов договор со Бугарија. (Фото: Фејсбук/принтскрин)

    Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека со уставните измени за вметнување на Бугарите во уставот се отвора вратата за асимилација на македонскиот народ и поради тоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи овие измени.

    За време на денешната посета на Штип, прашан за одбивањето од страна на Талат Џафери на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот со Бугарија, Мицкоски рече дека ако се влезе во вртлог со иницијативи ќе се испушти суштината, а, според него, тоа е да се спречи асимилаторскиот договор.

    „Ако ние сега влеземе во еден вртлог на иницијативи а тој одбива, и тоа биде некоја тема, тогаш сме ја испуштиле суштината, а суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ, тоа е суштината и вратата на која што се отвора можноста да се направи асимилација на македонскиот народ е токму промената на Уставот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да подржи било каква промена на Уставот тоа треба да сте сигурни и сега кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција условно кажано, но и наскоро од денеска кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната влада во Македонија, нема да поддржиме промена на Уставот и на тој начин отворање на вратата за асимилација на македонскиот народ која што директно значи удар врз македонскиот идентитет“, изјави Мицкоски.

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната македонска влада, подготвени се да седнат повторно на маса со бугарската влада и да преговараат за нов договор со Бугарија.

    „Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне повторно на маса со владата во Софија и да ги репреговара овие околности кои што ние цениме дека се асимилаторски и се кочница за патот на Македонија кон полноправно членство во ЕУ, а не помагаат, да постигнеме еден вистински добрососедски договор кој што навистина ќе ги подобри односите кои што сега се на катастрофално ниско ниво помеѓу двата народа, македонскиот и бугарскиот и помеѓу двете држави Македонија и Бугарија“, вели Мицкоски.

    Уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот устав се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира