СО ЗАЕМ ОД ГЕРМАНСКА БАНКА И ГРАНТ ОД ЕУ, ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ-ПИТУ“ ВО СКОПЈЕ

    СО ЗАЕМ ОД ГЕРМАНСКА БАНКА И ГРАНТ ОД ЕУ, ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ-ПИТУ“ ВО СКОПЈЕРеконструкцијата треба да заврши за 18 месеци. (Фото: МОН)

    Со буџет од 25 милиони евра почна реконструкцијата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје и треба да заврши за 18 месеци. Објектот во центарот на Скопје е изграден пред 66 години, според проектот на професорот Јован Ранковиќ.

    Како што велат од Министерството за образование и наука (МОН), проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KtW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

    Реконструкцијата ја врши австриската компанија „Штрабаг“.

    „Предвидена е промена на водоводната инсталација, отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни ЛЕД светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби“, велат од МОН.

    Оттаму додаваат дека ова е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во земјава. Наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште 7 други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира