Премиерот Христијан Мицкоски се сретна со украинскот претседател Володимир Зеленски на годишната Минхенска безбедносна конференција, а како што објави на својот фејсбук профил, разговарале за „актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè за праведен мир“. Во македонската делегација на средбата беа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа. Воедно, разговаравме и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите. Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир“, вели Мицкоски во објавата.
Во февруари 2022, Русија изврши инвазија врз соседна Украина, почнувајќи ја најголемата војна во Европа од 1945 година.
Во говорот на Минхенска безбедносна конференција, Зеленски вчера изрази надеж дека мировните преговори во Женева, посредувани од САД, следната недела ќе бидат суштински, но рече дека од Украина се бара „премногу често“ да прави отстапки. Тој, исто така, ја обвини Москва дека се обидува да ги одложи одлуките со промена на својот главен преговарач.
Украинските, руските и американските делегации треба да се сретнат во Женева на 17 и 18 февруари, додека американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да протурка договор за ставање крај на војната.
„Навистина се надеваме дека трилатералните состаноци следната недела ќе бидат сериозни, суштински, корисни за сите нас, но искрено, понекогаш се чувствува како страните да зборуваат за сосема различни работи“, рече Зеленски и призна дека чувствува „мал“ притисок од Трамп, кој вчера рече дека Зеленски не треба да ја пропушти „можноста“ наскоро да склучи мир и го повика „да се активира“.
„Американците често се враќаат на темата за отстапки и премногу често тие отстапки се дискутираат само во контекст на Украина, а не на Русија“, рече Зеленски во говорот во Минхен.



