СОБИР ЗА ПОДДРШКА НА ПРОТЕРАНИОТ ДИПЛОМАТ ПРЕД РУСКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕ

    СОБИР ЗА ПОДДРШКА НА ПРОТЕРАНИОТ ДИПЛОМАТ ПРЕД РУСКАТА АМБАСАДА ВО СКОПЈЕРускиот амбасадор Олег Шчербак излезе пред амбасадата и им се заблагодари на присутните за поддршката. (Фото: СДК.МК)

    Пред Амбасадата на Руската федерација во Скопје попладнево се одржа собир за поддршка по одлуката на македонската Влада за протерувањето на руски дипломат. Пред околу стотина граѓани, кои скандираа „Русија, Русија“, на собирот се обрати организаторот, Јанко Бачев од партијата Единствена Македонија, а рускиот амбасадор Олег Шчербак излезе пред амбасадата и им се заблагодари на присутните за поддршката. Бачев му кажа на Шчербак дека македонскиот народ не сака во ЕУ и НАТО, туку дека сака да влезе во Евроазиската унија со Русија.

    Владата минатата недела донесе одлука за протерување на еден руски дипломат во солидарност со Велика Британија во врска со случајот „Скрипаљ“, а министерот за надворешни работи кажа дека рускиот дипломат имал активности надвор од неговиот мандат.

    Протераниот руски дипломат со семејството си замина од Македонија вчера преку скопскиот аеродром, јави руската агенција „ТАСС“. Тој беше испратен од амбасадата на Руската Федерација во Скопје со звуците на патриотскиот марш „Прошчаније Славјанки“.

    Шчербак минатата недела на прес-конференција кажа Македонија направила непромислен потег со протерување на рускиот дипломат од Македонија, како прв ваков чекор во билатералните односи, кој Македонија очигледно го донела под притисок од надвор, но и дека тоа нема да остане без соодветен одговор од Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира