Граѓаните собраа 1.405 евра, 40 долари и 878.360 денари или, вкупно, 15.528 евра на вчерашната забава во кафе-бар „Излет“ за поддршка на демонстрантите на „Шарената револуција“ што се соочуваат со прекршочни и со кривични пријави и за кои, како што велат, „режимот подготвува високи казни“.
Од „Шарената револуција“ изјавија дека се презадоволни од одзивот на вчерашниот настан.
„Презадоволни сме од одзивот на граѓаните на вчерашниот настан. Парите ќе бидат уплатени на жиро-сметка – изјави за агенцијата Мета Павле Богоевски од „Шарената револуција“.
Износот на собраната сума е објавен на фејсбук-страницата на кафе барот каде што се одвиваше оваа акција.