Над 1,8 милиони денари (околу 30.000 евра) се собрани на хуманитарната аукција на уметнички дела за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти иницијативата „Support Kocani“. Во организација на оваа иницијатива, акуцијата се одржа во кочанскиот културен центар „Бели мугри“, а сите средства ќе бидат донирани на семејствата на 62-те жртви и околу 200 повредени во пожарот на 16 март.
На вчерашната аукција се наддаваше за над 140 дела и ракотворби од уметници од целата земја, кои уште неколку дена ќе бидат изложени во „Бели мугри“ со цената по која се купени и нивниот нов сопственик.
На аукцијата учествуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, в.д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски, лидерот на СДСМ Венко Филипче, пратениците Павле Арсоски и Миле Лефков, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и мал број локални бизнисмени.
На 4 мај, во знак на почит кон загинатите во Кочани ќе се одржи велосипедска тура „62 километри“, ќе се вози по стариот пат во правец на Штип и назад, во должина од 62 километри.
Пожарот во неисправната дискотека „Пулс“ настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест деца, а повредени беа 193, од кои 25 деца. Во странство остануваат хоспитализирани 33 повредени, а во земјава во моментот се лекуваат вкупно тројца пациенти, од кои во Хируршка клиника „Св.Наум Охридски“ еден пациент, а во приватната болница Систина двајца пациенти.