Да имало Специјалното обвинителство закон за заштита на сведоци, ќе го вметнело сега починатиот сведок Коста Крпач во програмата за заштита на сведоци, дознава Сакамдакажам.мк.
Покојниот Крпач не бил човекот за кого СЈО на 1-ви април поднело иницијатива до Собранието да се донесат измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци, туку тоа е сторено поради друго лице, но сепак, тој и останатите од групата клучни сведоци од постапките што ги води Обвинителството досега веќе ќе биле во програмата.
Без закон за заштита на сведоците, СЈО ги нотира сите притисоци и закани врз сведоците во постапките што ги води, по име и презиме на нарачатели и извршители, а тие сведоци, велат извори од обезбедувањето, се чуваат на друг начин.
Еден од тие сведоци кој пријавил закани бил и Коста Крпач, кој вчера беше најден мртов со прострелна рана во градите во неговиот стан во скопската централна населба Капиштец, откако пред тоа пукал во комбе паркирано пред зградата. Тој беше еден од списокот на 56-те аболирани лица од претседателот Ѓорге Иванов, иако Специјалното обвинителство соопшти дека за него кај нив никогаш не била водена кривична постапка и никогаш немал својство на осомничено лице.СЈО укажа и дека поради тоа е нејасна одлуката на Претседателот да го помилува токму Крпач и дека се уште чека одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на Иванов дека наводно против ова лице се водела кривична постапка.
„Специјалното јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, ако се јави потреба, ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот“, соопшти СЈО.
Останува фактот дека Собранието, кое имаше шест дена да ги изгласа измените на Законот за заштита на сведоците и да му овозможи на Специјалното обвинителство непречено да ја врши работата, не го направи тоа и му нанесе ненадоместлива штета не само на Обвинителствотто, туку и на сведоците кои се пријавуваат да соработуваат.
Кога ја поднесе иницијативата до Собранието, специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека измените во Законот за заштита на сведоците се потребни за уредување на надлежноста на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела, поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
“Измените се потребни во постапката за заштита на сведоци и во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. Во таа насока цениме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство“, рече Јанева.
Покрај оваа незавршена работа, која значи играње со животот на лицата за кои се водат (пред)истражни, а за дел од нив ќе се водат во иднина и судски постапки, како и ставање во ризик на сведоците во тие постапки, Собранието не исполни уште три други важни обврски од Договорот од Пржино.
Овој пратенички состав не го дополни ни Законот за свиркачите, кој требаше навистина да ги заштити од притисоци и закани дојавувачите на криминал во власта, а ни Законот за заштита на приватноста, кој требаше да ја тргне забраната за објавување на нови бомби од прислушуваните материјали кои се од јавен интерес. Ова беа препораки од Венециската комисија кои беа игнорирани.
Со посредство на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте се формираше Анкетната комисија со која требаше да се реши скандалот со прислушуваните разговори. Комисијата одржа неколку седници. За сведок беше повикан и тогашниот премиер Никола Груевски, но тој сведочеше зад затворени врати. Иста желба имаше и министерот за финансии, Зоран Ставрески, и тоа ја закочи работата на комисијата. Пратениците не поднесоа извештај за работата на комисијата.
Пратениците не го донесоа ни Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ги отфрли иницијативите на ЗНМ и на СДСМ, а новинарското известување остана по старо. Овие измени беа услов за фер, демократски и регуларни избори.