Собранието со 81 глас „за“ ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Договорот од Преспа и потоа со ист број гласови донесе одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 со што тие стануваат дел од Уставот.
Со амандманот 33, зборовите „Република Македонија се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.
Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата, амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.
По прогласувањето на уставните амандмани, со 81 глас „за“ беше усвоен и Уставниот закон со кој се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.
ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на седницата.
Премиерот Заев пред гласањето се заблагодари и на пратениците на Беса и на Алијанса на Албанците за нивниот придонес во процесот.
Заев рече дека е подобрена формулацијата во Преамбулата на Уставот, со што „се постигна да се отстрани чувство дека граѓаните од другите заедници како да се времено овде“ и направена е еднаквост помеѓу сите граѓани. Кажа дека во делот на дијаспората „се испраќа порака дека државата води грижа за сите свои граѓани во дијаспората, а не само на македонската етничка заедница“. За државјанството, Заев рече дека разговорите се одвиваа од технички аспект и карактер, дека целта на пратениците од Беса не била да го доведе во прашање државјанството, македонско / граѓанин на република Северна Македонија, туку обид да се гарантира дека кај граѓаните од албанска етничка припадност и од другите припадности на помалите етнички заедници, преводот да не предизвика на некој начин да бидат допрени до нивниот идентитетски основ.
„Целта не е Албанците да бидат Македонци. Сите имаме државјанство, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, но етничкиот идентитет е различно од државјанството“ рече премиерот Заев. Тој го цитираше прифатениот амандман со којшто беше постигнат договорот и којшто, како што рече тој, гласи:
„Државјанството, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните, се пишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо. Државјанството, македонско / граѓанин на Република Северна Македонија, во личните документи и патни исправи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се пишуваат на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на тој јазик и неговото писмо. И истото ќе се утврди на тој јазик во сите закони каде што треба да се примени“.
Откако се изгласаа уставните измени, Владата му честиташе на Собранието што „напиша ново, историско поглавје на нашата државност“.
„Тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата. Остварувањето на овие придобивки дојде преку прецизирање на името на нашата држава со географската одредница – Република Северна Македонија. При тоа, македонскиот јазик ќе биде меѓународно признат во сите сојузи. Нашата химна, нашето знаме – остануваат исти и заштитени. Нашето државјанство ќе биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија“, рече Владата.
Г. ТРПЕНОСКИ