СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ

    СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕПредлог-законот ндоби голем број реакции од стручната јавност, како и од Народниот правобранител, особено во делот за образование и инклузвност на лицата со посебни потреби. - Министерот за образование и наука Арбер Адеми (Фото: Влада на РСМ)

    Со 58 гласа за и 18 против, пратениците во Собранието денеска го изгласаа Законот за основно образование, по Предлог-законот поднесен од Министерството за образование и наука.
    Предлог-законот доби голем број реакции од стручната јавност, како и од Народниот правобранител, особено во делот за образование и инклузивност на лицата со посебни потреби.

    Нацрт-законот за основно образование на 18 јули имаше прво читање од собраниската Комисија за образование и спорт, а предизвика доста реакции откако професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје минатиот месец реагираа со отворено писмо дека не се вклучени во подготвувањето на новиот Закон.

    Народниот правобранител испрати мислење со предлози и констатации до министерот за основно образование и наука Арбeр Адеми, во кое наведе дека ако не се исполнат нивните предлози и основни констатации, повторно ќе имаме инклузија која ќе биде само правно уредена и нема да може практично да се имплементира.

    Минатата недела Комисијата за образование, наука и спорт одржа Јавна расправа по Предлогот на законот за основното образование. Јавната расправа беше во функција на прибирање практични искуства и предлози за квалитетно нормирање на оваа дејност, пред второто читање на Предлог-законот за основното образование.

    На расправата, покрај претставникот на предлагачот на законот – министерот за образование и наука и претставници на образовните институции во рамките на Министерството, присуствуваа: министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска; заменик-народниот правобранител; претставници на педагошките факултети, здруженија на наставници и директори и невладини организации чиј домен е образовната сфера. Присуствуваа претставници на меѓународните претставништва со седишта во Скопје и тоа: УНИЦЕФ, ОЕЦД, УСАИД, Светска банка, ОБСЕ, од Проектот ОБРАЗОВАНИЕ за вработување – Хелветас и други.

    Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс во насока на остварување на целта на реформата во оваа област, ја нагласи потребата од заедничка заложба на сите субјекти во обезбедувањето на квалитет во образованието на учениците, како и во стручност и мотивираност на наставниот кадар што се основа на една успешна реформа.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира