СОБРАНИЕТО ГО УКИНА СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

    СОБРАНИЕТО ГО УКИНА СОВЕТОТ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИСо укинувањето на Советот за јавни набавки ќе се отстранеле бирократските процедури кои ги одолговлекувале јавните набавки. - Министерот за финансии Драган Тевдовски на собраниска комисија (Фото: СДК.МК)

    Собранието попладнево ги донесе измените на Законот за јавни набавки со кои што се укинува Советот за јавни набавки. Со укинувањето на Советот, како што рече министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците, ќе се отстранеле бирократските процедури кои што ги одолговлекувале јавните набавки.

    „Постојниот закон, донесен 2007 година, претрпе 15 измени со што значително се отежни неговата примена, а според оценките на Европската комисија, измените во последните години, пред сè со воведувањето на Советот за јавни набавки доведоа до значително оддалечување на законот од европските регулативи и практики за јавни набавки. Јавните набавки тешко се спроведуваа, има бројни неоправдани бирократски процедури кои не само што не придонесуваат да се спречи можноста од злоупотреби, туку доведуваат до блокирање на институциите и оневозможување тие да ги даваат потребните услуги на граѓаните“, рече министерот Тевдовски во образложението во Собранието.

    Министерот за финансии Тевдовски рече дека Владата подготвува нов закон за јавни набавки во кој ќе бидат применети европски искуства.

    Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека опозицијата нема да гласа за измените, бидејќи тие се носеле по скратена, а не во редовна постапка.

    „Ова е решение кое само привремено ќе го реши проблемот. Се отвара простор за нови проблеми“, рече Димовски.

    Според пратениците на владејачката коалиција, со укинувањето на Советот за јавни набавки, ќе се забрзале и ќе се олеснеле постапките за јавни набавки. Пратеникот на СДСМ Васко Ковачевски кажа дека дополнителен аргумент за укинување на Советот бил и фактот што членовите на Советот за јавни набавки годишно земале плати и трошоци од околу 150 илјади евра.

    Претходно, измените на Законот за јавни набавки беа прифатени од на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира