СОБРАНИЕТО УСВОИ НОВ ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ЛЕГАЛИЗИРА И ВО НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ И ЗАШТИТНИ ЗОНИ НА ИЗВОРИ НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    СОБРАНИЕТО УСВОИ НОВ ЗАКОН ЗА ДИВОГРАДБИ, ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ЛЕГАЛИЗИРА И ВО НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ И ЗАШТИТНИ ЗОНИ НА ИЗВОРИ НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕЗаконот вклучува легализација на гаражи, остави, па дури и базени за индивидуална употреба, изградени без дозвола за градба. (Фото: СДК.МК)

    Собранието на денешната седница по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со 72 гласа „за“, 3 „воздржан“ и 5 „против“. Законот го поддржаа пратеници и од власта и од опозицијата.

    Законот предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, т.е. осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“ и нема рок на важење, односно ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати согласно тој закон.

    Од овој закон се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион во кој се наоѓа природното и културното наследство запишано во Списокот на светското природно и културно наследство, како и дивоизградени станбени згради и дивоизградени доградби и надградби на станбени згради.

    Но, законот вклучува гаражи, остави, па дури и базени, изградени без дозвола за градба. Дозволено ќе биде легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.

    Како „казна“, сопствениците на дивоизградените објекти за легализацијата ќе треба да платат за 50% поскапи комуналии од она што би го платиле ако имале дозвола за градба. Од плаќање на комуналии со овој закон се изземени корисници на парична помош од социјална заштита, државните органи и локалната самоуправа, како и верските организации.

    Со стапување во сила на овој закон се запираат сите постапки за рушење на дивоградби и сите поврзани управни и судски постапки.

    За расправа се пријавија само пратеничките Маја Морачанин и Гордана Силјановска-Давкова. Морачанин од ДОМ рече дека тие како партија ќе гласаат против овој закон, како и против законските измени на претходниот закон за легализација на дивоградби, за продолжување на неговото важење.

    „Со продолжување на овие рокови се праќа индиректна порака до граѓаните дека може да градат на диво без да имаат градежна дозвола и понатаму, во некој момент, ќе им биде овозможено да ги легализираат дивоградбите. Тоа не е добра порака, мора да ставиме крај на бесправното градење. Ако може некој нелегално да гради тогаш која е целта на носење просторни планови, генерални и детални урбанистички планови, мислам дека ова навистина не е добро“, кажа Морачанин.

    Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека како професор по право не може да поддржи ваков закон.

    Со новиот закон, продолжен е рокот на важноста на стариот закон за легализација на дивоградби, кој истече во март годинава. Предложените законски измени на стариот закон за негово продолжување ќе бидат повлечени. Тој важеше 10 години и се легализираа дивоградби за евро од квадрат.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира