СОБРАНИЕТО СО ЗАКОН ЗАБРАНИ ДРУШТВА, ФОНДАЦИИ, ЗДРУЖЕНИЈА И ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ВО ЧИИ НАЗИВИ ИМА ФАШИСТИ И СОРАБОТНИЦИ

    СОБРАНИЕТО СО ЗАКОН ЗАБРАНИ ДРУШТВА, ФОНДАЦИИ, ЗДРУЖЕНИЈА И ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ ВО ЧИИ НАЗИВИ ИМА ФАШИСТИ И СОРАБОТНИЦИВо рок од 3 месеци бугарските клубови во Битола и Охрид, Ванчо Михајлов и Цар Борис, треба да си ги сменат називите на овие двајца соработници на Хитлер (Фото: СДК.МК)

    Со 67 гласа „за“ на пратеници од сите партии, Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации, според кои, клубови, фондации, здруженија, друштва.., нема да може да се регистрираат ако со називот повикуваат континуитет на фашизам, на нацизам, на Адолф Хитлер, негови соработници, лица од третиот рајх…

    Со 67 гласа “за“, исто така без „против“ и „воздржани“, Собранието изгласа денеска идентични измени и во Законот за политички партии.

    Според законот, политичка партија во Македонија не може да се регистрира ако со називот предизвикува и: „разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх“.

    Ова е новината, бидејќи досега во членот 3 од Законот за политички партии ја имаше само оваа содржина: „Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:

    – насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија;

    – поттикнување или повикување на воена агресија и

    – разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“.

    Оваа забрана не се однесува само на називот на партијата, туку и на нејзиниот статут.

    Се забранува називот и ознаките на политичката партија да содржат симболи, зборови, кратенки, кои предизвикуваат расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.

    Со законските измени, на политичките партии им е оставен рок од три месеци од влегувањето во сила на измените, да го усогласат називот, ознаките, програмата, статутот и целите, со одредбите на овој закон.

    Македонија како антифашистичка земја немаше волку ригорозни, набројани и нагласени забрани за употреба на нацистички и фашистички имиња, ознаки и симболи, сè додека по 78 години од ослободувањето од фашистичката окупација, во текот на годинава македонски Бугари не формираа здруженија во Битола и во Охрид, чии називи ги носат имињата на Ванчо Михајлов и на Цар Борис, соработници на фашистите и нацистите во Втората светска војна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира