СОЛИДАРНИОТ ДАНОК ПАДНА НА УСТАВЕН СУД, ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ВРАТИ 50 МИЛИОНИ ЕВРА НА КОМПАНИИТЕ

    СОЛИДАРНИОТ ДАНОК ПАДНА НА УСТАВЕН СУД, ДРЖАВАТА ЌЕ ИМ ВРАТИ 50 МИЛИОНИ ЕВРА НА КОМПАНИИТЕСолидарниот данок, како еднократна мерка донесена во 2023 да се ублажи ковид кризата, упатува лоша порака за инвеститорите за нивната правна и финансиска сигурност, рече претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновск. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на денешната седница донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок кој го воведе Владата на Димитар Ковечевски во 2023, кој веќе не важи. За неважечкиот закон кој служеше едноократно, државата сега ќе треба да врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании, кои во еден наврат им ги наплати како најбогати компании во државата.

    Враќањето на средствата ќе треба да се одвива договорно, на барање на оданочените богати компании, кои сметаат дека се оштетени и доведени во нееднаква положба пред Уставот. Рокот за барање за поврат и за враќање на средствата е 5 години од објавување на одлуката во Службен весник, кажа по денешното одлучување претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

    Да беше одлуката укинувачка место поништувачка, државата немаше да мора да ги враќа овие пари, туку отсега натака немаше да може повторно да се воведува ваков данок.

    Министерството за финансии денеска кажа дека ќе постапи откако одлуката за поништување на солидарниот данок ќе биде објавена во Службен весник, и од Буџетот ќе ги исплати создадените обврски.

    Ваквиот данок на солидарност беше оспорен со повеќе иницијативи, како од Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, така и од неколку други поединечни фирми. Данокот беше воведен во 2023, како еднократна, вонредна јавна давачка само за таа година. Беше еднократна владина мерка, за да се соберат средства за ублажување на последиците од ковид кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин. Го плаќаа само компаниите кои во 2022 остварија вкупен приход поголем од 10 милиони евра.

    По седницата на Уставниот суд, односно по гласањето, Костадиновски кажа дека мнозинството судии гласало оти Законот ги повредува владеењето на правото и фундаменталните принципи, како што е правната сигурност на субјектите, правната предвидливост и правната извесност.

    Законот за солидарен данок беше усвоен од Собранието во септември 2023. Тој одамна не постои, а поради тоа што Уставниот суд поништи закон што не постои, судијката Добрила Кацарска веќе напиша и објави издвоено мислење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира