Песната „Насмевка“, која музичарот Игор Атанасовски-Харе ја напиша по повод 25 години од СОС Детско село, ја пеат Мијата, Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Андријана Јаневска, Влатко Лозаноски-Лозано, Дани Димитровска Сара Мејс, Стефан Филиповски од групата „Некст тајм“, Антониа Гиговска, Никола Перевски-Пере од „Нокаут“. На промоцијата на песната денеска во Скопје, од СОС селото рекоа дека сакале да направат нешто ново и интересно по повод 15 Мај, Меѓународниот ден на семејството.
Кантавторката Мијата рече дека најемотивен момент за време на снимањето за неа била порака од дете од СОС селото, кое ѝ напишало дека му е полесно кога ја слуша нејзината песна „Верувам во себе“.
„Пред речиси 25 години започна наша приказна. Сега се грижиме за 5.600 деца и млади и се радувам што многу солзи претворивме во насмевка“, рече Јулијана Гапо, националната директорка на СОС Детско село.
Гапо додаде дека се горди што децата денес се згрижени на 30 локации низ Македонија.
„’Преземањето на медиумите’ (Media Takeover Day) на 15 мај е само почеток на низа големи активности кои ќе бидат подготовка на нашиот 25-годишен јубилеј следната година. Во периодот што следи, работиме на зголемување на бројот на згрижувачки семејства, како и на подобрување на поддршката што тие ја добиваат. Затоа веќе отворивме две нови подрачни канцеларии на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, во Кавадарци и Струмица. Секојдневно имаме поддршка од 5.000 граѓани“, рече Гапо.
Авторот на песната, Игор Атанасовски-Харе рече дека никогаш не промашил во изборот на соработници, па така и овојпат.
„’Насмевка’ е разултат на заеднички труд и ентузијазам. Сите работи се случуваат кога ќе им дојде вистинското време. Токму сега дојде време за ‘Насмевка’, нешто драгоцено, и сѐ поретко во секојдневието. Главен иницијатор беше Илчо Бадаров, раководител на младинските куќи при СОС Детско село, кој на една наша средба ми раскажа за негов пензиониран колега, кој додека работел засадил дрво, и кога денес ќе ја посети таа куќа, гледајќи го големото дрво, го гледа неговиот работен век и сите спомени од годините поминати со децата. Воден од желба да остави нешто зад себе, ми ја предложи идејата, и јас без двоумење ја прифатив“, кажа Атанасовски.
Поп-пејачката Наташа Крстевска-Мијата, која работи како контролор на летање, беше единствената од пејачите која дојде на промоцијата.
„Мојата соработка со СОС селото почна уште во времето на ковид. Имаше посебна енергија на снимањето на песната, зашто го добив стихот кој посакав да го испеав. Најемотивен момент за мене беа персонализираните пораки кои ги добивме од децата додека снимавме, а јас потоа ги читав дома со семејството. Една порака беше: ‘Кога ми е тешко, ја слушам твојата песна ‘Верувам во себе’. Ова е песна за сите нас и за сите деца да растат со насмевка и со луѓе кои ги сакаат“, рече Мијата.
СОС Детско село утре го организира првиот настан „Преземање на медиумите“ (‘Media takeover), во кој со поддршка на медиумите сакаат да ја подигнат свеста кај пошироката јавност за важноста на семејството во животот на секое дете.
М. ЏАРОВСКА